Претседателот Иванов го одликуваше претседателот на Чешка со Орден „8-ми Септември“

Република Македонија направи многу кога станува збор за справувањето со предизвиците наметнати со бегалската криза, дури и многу повеќе отколку некои држави членки на Европската унија. Тоа го истакна претседателот на Чешката Република, Милош Земан во Охрид, по средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

„Тука сум во Македонија за да ја изразам почитта и личното признание за начинот на кој македонскиот народ се справи мигрантската криза, притоа бранејќи ја не само својата, туку и границата на Европа. Нашиот став е дека Република Македонија покажа далеку поголема одважност од некои од државите членки на ЕУ и НАТО и оттаму сакам да ја изразам потполната поддршка на Република Македонија за нејзина целосна евроатлантска интеграција“, истакна претседателот Земан.

Претседателот Иванов од своја страна ја истакна потребата од глобален и координиран ангажман и засилена соработка меѓу државите при справувањето со сите новонастанати предизвици, особено на безбедносните ризици и закани, притоа изразувајќи благодарност до претседателот Земан за целокупната поддршка што Чешката Република ја дава на Македонија во справувањето со бегалската криза, со присуството на чешки полицајци, како и со помошта во опрема за контрола на границата.

Што се однесува на македонските стгратешки цели – зачленувањето во ЕУ и НАТО, во разговорот со чешкиот претседател, претседателот Иванов ја нагласил потребата од заживување на процесот на проширување на двете организации.

Негова забелешка е дека интегрирањето на целиот регион во ЕУ и НАТО е од суштинско значење за регионалниот мир и стабилност, и најсоодветен одговор на сите предизвици како миграцијата и безбедноста, а воедно ќе придонесе и за зајакнување на демократските институции и економски развој.

„Сведоци сме дека статус-кво состојбата не донесе ништо добро. Напротив, блокирањето на европската и евроатлантската иднина придонесе и кон блокирање на политиките процеси и внатрешна стагнација во Македонија,“ рече претседателот Иванов, притоа изразувајќи уверување дека Чешката Република како докажан и принципиелен пријател и партнер ќе продолжи да ја поддржува Македонија во остварувањето на нејзините стратешки цели.

Претседателот Иванов на чешкиот претседател Земан му додели Орден „8 Септември”, за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива рамноправна соработка меѓу Република Македонија и Чешката Република, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.

Посетата на високата чешка делегација продолжува и утре со македонско-чешки бизнис форум, како можност за остварување контакти на стопанственици на двете држави, во насока на интензивирање и унапредување на економската соработка за која обострана оценка дека не е на нивото на условите и постојниот потенцијал.