Министерот Јолевски на средба во Пентагон

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски оствари средба во Пентагон со заменик помошникот на секретарот за одбрана, Мајкл Карпентер.

Министерот Јолевски истакна дека врвен приоритет на Владата на Република Македонија се евроатлантските интеграции и затоа побара да продолжи политиката на отворени врати на НАТО. Македонија во областа на одбраната ги исполни сите критериуми и докажа дека е партнер од доверба подготвен да биде дел од НАТО. На средбата беа презентирани аргументите зошто Македонија заслужува да добие покана за членство во НАТО.

На средбата се разговараше за одбранбените реформи, модернизацијата на АРМ согласно НАТО стандардите, учеството во мировни мисии на припадниците на АРМ, како и учеството на најголемата вежба Анаконда која се одржува во Полска.

Министерот Јолевски информираше за започнување на процесот за изработка на новата Стратегија за одбрана и Стратегискиот преглед на одбраната, а се осврна и на регионалната соработка и конструктивната улога на Република Македонија во регионалните иницијативи, истакнувајќи дека Република Македонија од септември ќе биде домаќин на Командата на Балканските медицински сили, а исто така информира за иницијативата на седиштето на Штабот на СЕЕБРИГ од идната година да биде во Македонија.