ОО на СДСМ Охрид денес соопштение до медиумите, во кое стои:
„Режимската власт на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да изврши уште еден грабеж на граѓаните на Република Македонија, кој овој пат, најмногу ќе го почувствуваат туристичките работници во Охрид.
Имено, на приватните станоиздавачи во Охрид деновиве им се испорачани фактури од страна на Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) во паушален износ од 6000 денари.
На овој начин, приватните станоиздавачи уште еднаш се најдоа на мета на криминалната врхушка на власта предводена од Никола Груевски.
На 10 февруари 2016 год. на предлог на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, парламентарното мнозинство по скратена постапка донесе измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права, што опозицијата предводена од СДСМ не ги поддржа и гласаше против.
Претходно, кон крајот на минатата година, хотелиерите и угостителите отворено реагираа на превисоките тарифи кон ЗАМП.
Засегнатите правни и физички лица од туристичкиот сектор тврдеа дека финансиските оптоварувања согласно Правилникот за користење на авторски музички дела не соодветствуваат на економската ситуација во земјата и куповната моќ на граѓаните.
Поради тоа, туристичкиот бизнис сектор побара нивно намалување и ЗАМП јавно да соопшти каде се трошат собраните пари од надоместоците.
Но, наместоа тоа, сега ЗАМП почна да им доставува фактури со паушална вредност од 6000 денари и на сите регистрирани физички лица – станоиздавачи, за периодот од 01.06.2015 до 31.08.2015 год.
Ваквата наметната давачка е сосема нелогична, неоснована и непотребна, затоа што приватните станоиздавачи воопшто не даваат услуги што се во доменот на ЗАМП.
Ваквиот атак врз приватните станоиздавачи претставува само уште еден обид на криминалната власт на Груевски да изврши грабеж врз сопствениот народ, загрозувајќи ги интересите на чесните граѓани – сопственици на приватните сместувачки капацитети.
СДСМ Охрид најостро регира на ваквите небулозни потези на власта и најенергично бара од локалните власти во Охрид под итно да спречат уште еден невиден финансиски грабеж на голем број охриѓани.“– стои во соопштението.