Спроведени обуки за зајакнување на капацитетите за безбедност и здравје при работа

Во период од 06-10 Јуни, во Охрид, Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со Сојузот на Синдикатите на Македонија спроведе 2 дводневни обуки за зајакнување на капацитетите на претставниците на вработените за безбедност и здравје при работа, синдикални претставници, како и претставници на работодавачите за основни стандарди за безбедност и здравје при работа, застапувачки и лобирачки вештини и пренесување на добра пракса и искуство од ЕУ за функционирање на бипартитниот дијалог во ЕУ.

Обуките се дел од проектот проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – Основно човеково право”, финансиран од Европската Унија.

Целта на обуките е преку дефинирање на основните концепти на безбедноста и здравјето приработа, да се унапреди улогата на претставниците на вработените за БЗР/синдикалните претставници во однос на зголемување на капацитетите и подобрувањето на бипартитниот БЗР дијалог во компаниите, како и запознавање со начелата на ефективните системи за лобирање и застапување и унапредување на знаењата и вештините на претставниците за БЗР за концептот на лобирање и застапување. Учесниците имаа можност да се запознаваат со практичните примери, како од домашните експерти така и од страна на ЕУ експерт за функционирање на дијалогот помеѓу претставниците за БЗР и работодавачите и улогата на социјалниот дијалог во насока на подобрување на работните услови и креирање на здрава и безбедна работна средина.

На обуката и претходеа 10 информативни состаноци низ земјата со цел да се поттикне соработка и партнерство помеѓу граѓанското општество и државните институции во промоција на безбедни и здрави работни места, да се согледаат проблемите на работниците и работодавачите во работната средина како и да се подигне свеста за безбедноста и заштитата при работа.

Од обуките произлегоа бројни препораки кои се во насока на подобрување на дијалогот помеѓу претставниците на вработените и работодавачите и истите понатаму ќе бидат доставени до надлежните институции со цел подобрување на условите за работа на работниците, намалување на професионалните заболувања и поврдеи при работа и унапредување на БЗР во нашата земја.

Според неофицијалните извештаи на Македонско здружение за заштита при работа во 2015 година се случиле 144 несреќи при работа од кои 39 со фатален исход, со што стапката на смртни случаи во Македонија изнесува 5,44 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 5-6 вработени. Оваа стапка е во благ пад доколку се спореди со 2014 година, но доколку се направи компарација со Велика Британија, каде стапката изнесува само 0,5, ќе  констатираме дека Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при
работа.

Во наредниот период од имплементирање на проектот следи изработка на студија зафункционирање на бипартитниот БЗР дијалог во компаниите и улогата на престставниците на вработените за БЗР во земјата.

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) е прва професионална невладина организација на стручните лица за безбедност при работа која 50 години успешно работи во областа на безбедност и здравје при работа. Од 2008 година нашата организација е единствен Колаборативен центар на Меѓународната организација на трудот, додека од 2011 година е Focal Point на Европската агенција за безбедност и здравје при работа.