Изминатиов период, во рамки на оперативната акција „Мрежа“, во два одвоени случаи, Единицата за недозволена трговија со дрога при Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал, спроведе меѓународни истраги за пронаоѓање на четири лица кај кои се пронајдени 198,6 грама хероин и 267 садници од растението Canabis sativa, а конфискувани се и неколку возила.
Во првиот случај, по спроведена истрага утврдено е дека во текот на месец декември 2015 година, лицата Х.Ц. (46) од Скопје и М.Ј. (41) од Скопје, од НН лице за неутврдена цена набавиле околу 200 грама наркотична дрога хероин заради понатамошна продажба. Откако ја набавиле дрогата, истите извршиле продажба на истата со што се стекнале со противправна имотна корист од околу 5.000 евра. По претходно изготвен план за преземање на мерки и активности, ЕНТД во текот на денешниот ден (09.06.) изврши претреси во дом на две локации на подрачјето на град Скопје, при што од слобода е лишено едно лице, додека другото лице за кое се обезбедени докази во врска со заплената во моментов е недостапно на органите на прогон и од страна на полициски службеници се превземаат мерки за негово пронаоѓање.
Инаку лицата Х.Ц. и М.Ј. се познати на полицијата како сторители и на други кривични дела, а од страна на ЕНТД до ОЈО Скопје ќе им биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’ казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во вториот случај остварена е соработка помеѓу полициите на Р.Македонија и Кралството Холандија односно спроведена е меѓународна истрага при што реализиран е случај на недозволена трговија со марихуана на територија на Холандија. Имено од страна на ЕНТД, доставени се информации за лицата М.А. (52) од Прешево и М.Х. (25) од Прешево, дека се инволвирани во производтсво на марихуана на територија на Холандија. По добивањето на информацијата холандските власти спровеле истрага и оствариле соработка со надлежните служби на Р.Србија за потврдување на идентитетот на лицата. Како резултат на спроведената истрага и оставрена соработка, на територија на Холандија откриена е импровизирана лабараторија за производство на марихуана при што запленети се 267 стебла со марихуана, а од слобода се лишени две лица холандски државјани со потекло од Р.Србија и конфискувани се ПМВ користени од лицата инволвирани во случајот.