Специјалната гостинка на Фестивалот, Астрид Ветнал, која ја има главната улога во „Пат за Истанбул“ на познатиот режисер Рашид Бушареб, ќе одговара на новинарски прашања на прес-конференцијата што ќе се одржи на последниот ден од Охридскиот филмски фестивал (15 јуни).
Свеченото затворање на Првиот интернационален фестивал за ангажиран филм „Охрид Филм Фест“ ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со краткиот филм „Само за губитници“ на Иво Трајков и со неверојатната вистинска приказна „Бољшој Вавилон“на Ник Рид и Марк Франчети.
Во последниот ден од фестивалот, (15 јуни) „Охрид Филм Фест“ ќе одржи прес – конференција со специјалната гостинка на Фестивалот, познатата француска актерка Астрид Ветнал која ја има главната улога во филмот „Пат за Истанбул“ на познатиот француски режисер Рашид Бушареб. Оваа актерка има остварено многу улоги, меѓу кои и во филмовите на Коста Гаврас, Клод Лелуш, Беноа Маријаж и Леспер, а се прослави со политичката тв-серија „Црниот барон“. Во 2014 е номинирана за наградата „Магрит“. Сепак, нејзина најзабележлива улога е во филмот „Патот за Истанбул“ на Рашид Бушареб, во кој таа игра самохрана мајка чија ќерка заминува за џихад во Сирија, и која решава да ја најде и да ја врати во Белгија.
Во рамките на Охридскиот фестивал во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, премиерно беше прикажан филмот „Пат за Истанбул“ , на којашто присуствуваше и актерката Астрид Ветнал која ја има главната улога во овој филм.
Фестивалот на ангажиран филм „Охрид Филм Фест“ на последниот ден ќе започне со прикажување на филмовите од кратката програма кои се прикажуваат на Охридската филмска школа (ФИОФА). Фестивалот за ова прво издание одбра 44 кратки филма меѓу, кои се пет македонски. Кратките филмови започнаа да се прикажуваат од понеделник од 13 часот секој ден на Филмската школа, ФИОФА (во три блока од по два часа).
Главната програма започнува во 17 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со филмот „Приказна за една жена“ во режија на Вег Вегризин од Полска.
Потоа следи „Само за губитници“ на македонскиот режисер Иво Трајков, главните улоги се на Сашко Коцев, Петар Мирчевски, Верица Недеска и Викторија Мироваја. Во фокусот на приказната е една руска модна дизајнерка, која во поптрага по смислата на своето постоење доаѓа во Охрид,каде ја среќава љубовта на својот живот. Специјална гостинка ќе биде македонската актерка Верица Недеска која игра во „Само за губитници“. Овој филм е дел од програмата „Охрид на филм“, бидејќи поголемиот дел е снимен во Охрид. Така, фестивалот на овој начин ќе му направи уште една посвета на градот домаќин, во кој годинава започна првото издание на Охридскиот филмски фестивал. Британскиот филм „Бољшој Вавилон“ е неверојатна вистинска приказна на Ник Рид и Марк Франчети е последниот филм што ќе биде прикажан на фестивалот. Во 2013 година Сергеј Филин поранешен уметнички директопр на Бољшој, бил жртва на напад кога на патот до дома некој му истурил киселина на лицето. Театарот бил во голерма криза,предизвикана од омраза и лична љубомора. Во очајнички обид да се воспостави мир во познатиот руски театар, Кремљ поставува нов директор.
Инаку, актерката Астрид Ветнал е второ големо име од светот на филмот што е гостин на фестивалот. На отворањето на „Охрид Филм Фест“ беше извонредниот и харизматичен Лазар Ристовски, на кого му беше доделена наградата за печатот што го остави во европската кинематографија, а му ја додели заменикот на градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев. Фестивалот беше отворен со филмот „Од другата страна“ во кој главната улога ја имаше Лазар Ристовски. На прес-кон ференцијата што „Охрид Филм Фест“ ја организираше во хотелот Инекс-Горица, Лазар Ристовски одговараше на новинарски прашања. Тој му даде поддршка на фестивалот и рече дека фестивалите никогаш не се доволни, туку дека секогаш има место за уште еден.
„Се радувам што стартува еден ваков фестивал и директорката на „Охрид Филм Фест“, Сунчица Уневска ќе ја има секогаш мојата поддршка“, рече познатиот актер, Лазар Ристовски.