Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Унгарија во Република Македонија, Н.Е. г. Јозеф Бенце.
На средбата, претседателот Иванов изрази благодарност за придонесот на амбасадорот Бенце во развојот и негувањето на билатералните односи, како и во интензивирањето на целокупната соработка меѓу двете земји во сите сфери од заемен интерес.
Двајцата соговорници изразија задоволство од принципиелните односи меѓу двете земји, особено од соработката во справувањето со мигрантската и бегалската криза, притоа истакнувајќи ја улогата на Република Македонија како регионален партнер, кој придонесува во унапредување на односите со сите земји од Вишеградската група.
Македонскиот претседател изрази уверување дека блиските и пријателски односи со Унгарија, како и политичкиот дијалог на сите нивоа, ќе продолжат и во иднина, посочувајќи дека Република Македонија високо ја цени континуираната поддршка и помош од Унгарија.
Амбасадорот Бенце изрази благодарност за поддршката од македонските институции во вршење на неговата дипломатска должност, истакнувајќи дека Унгарија, како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува европските и евроатлантските интеграции и напредокот на Република Македонија.