Ракометарите ја совладаа Чешка и се пласираа на СП 2017

Сениорската машка репрезентација на Македонија го обезбеди своето петто учество на Светските Првенства, откако синоќа во фантастичен натпревар во Скопје ја совлада Чешка со 34-27.

Пред преполните трибини на ВИП Арената „Борис Трајковски“, нашите репрезентативци одиграа одличен меч кој го контролираа од самиот почеток и успеаја да ја анулираат негативата од шест гола од првиот натпревар од баражот што се одигра во Злин. Натпреварот кој поради важноста, но и поради тоа што беше означен како последен на долгогодишните предводници на репрезентацијата – Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски, изобилуваше со емоции, а нашиот тим знаеше како да извлече дополнителна мотивација од тој момент и на присутните да им понуди меч за паметење.

Предводена од Миркуловски, Мојсовски и Манасков кој блескаше во првото полувреме, Македонија веќе по 17 минути игра стигна до посакуваната предност од шест гола (11-5). Серијата од 7-0 пред крајот на полувремето на нашите репрезентативци им донесе и 9 голови разлика, па иако Чесите пред паузата намалија, Македонија замина на одмор со висока предност од 19-11. Во второто полувреме, по реализацијата на Гоце Георгиевски разликата прв пат стана двоцифрена (23-13) и од тој момент па до крајот таа постојано се движеше над границата од шест голови. Избраниците на Лино Червар го издржаа и последниот налет и обид на Чешка во завршницата да го намали резултатот и заслужено славеа со 34-27. Дејан Манасков беше прв стрелец во нашиот тим со 11 погодоци, а меѓу најпрецизните беа и Кирил Лазаров со 8 и Филип Миркуловски со 6 голови.

Со овој триумф, Македонија го задржа континуитетот на настапи на големите натпреварувања, обезбедувајќи учество на петтото Светско Првенство што ќе се одржи во Франција во јануари 2017 година.