Седумнаесетта манифестација, „Денот на Охридското Езеро“, денес беше одржана на кејот Македонија, со присуство на делегација од соседен Поградец, предводена од градоначалникот Едуард Капри. Домаќинот, градоначалникот Никола Бакрачески со својот колега, најпрво ги разгледа штандовите на кои беа презентирани активности на повеќе клубови и организации чија дејност е поврзана со езерото и неговата заштита.
Пригодна свеченост беше одржана во градскиот парк, а најмладата генерација, деца од ЈОУДГ “Јасна Ристеска“ со завет запечатен во шише и пуштен во водите на езерото се обврзаа дека и тие во иднина ќе бидат посветено во заштитата на езерскиот бисер.
Градоначалникот Бакрачески во изјавата за медиумите истакна дека “21 јуни е ден кој што е врежан во меморијата на граѓаните од двете страни на езерото и е суштествен елемент на битисувањето на граѓаните кои живеат околу езерото“. Бакрачески повика на конкретни чекори на сите институции кои на еден или друг начин се вклучени во заштитата и зачувувањето на езерото:
„Ова не ден само за протоколарни средби на градоначалниците на езерските градови, туку и ден кога покажуваме искрена почит кон езерото и неговото значење за целиот регион. Заедно со градоначалникот на Поградец, сакаме да упатиме јасна порака, дека преку најмладата генерација треба да се подига свеста за заштитата на езерото. Исто така да упатиме силна порака до сите институции да ги ангажираат сите ресурси за заштита на езерото. Она што природата ни го дала како дар, а светот го препознава како светско природно богатство, со симболиката на заветот од најмладите ставен во шише и спуштен во водите на езерото, се обврзуваме и ги учиме најмладите генерации од потребата за почит и негова заштита.“- рече Бакрачески.
Градоначалникот на соседен Поградец, Едуард Капри го искажа своето задоволство од присуството на манифестацијата:
„Имам чест што како градоначалник на Поградец можам да придонесам во заштитата на езерото. Искрени честитки до градоначалникот Бакрачески за одличната организација на денешниот настан и убеден сум дека и во иднина нашата соработка ќе продолжи со уште поголема ефикасност во заштитата на Охридското Езеро.“- рече Капри.
Како резултат на искрената посветеност во заштитата на езерото, градоначалникот Капри го посочи фактот дека од албанското крајбрежје третманот на отпадните води во цела должина на брегот е опфатен со нова канализациона мрежа, а останува да реши проблемот само на едно населено место.
Манифестацијата заврши со симболичното пуштање на заветот во водите на езерото.