Интернационалниот „Битола Шекспир фестивал“ е резултат на нашите заеднички заложби, Република Македонија да ја претставиме пред светот, но и светот да го донесеме во Република Македонија, истакна министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешната прес-конференција во Битола во пресрет на четвртото издание на фестивалот кој почнува утревечер.
Според Канческа Милевска, „Битола Шекспир фестивалот“, низ своите четири изданија, успеа да се етаблира како фестивал кој ги обединува најдобрите остварувања на театарските куќи од светот кои презентираат свежи и смели пристапи кон творештвото на најголемиот драмски автор на сите времиња.
„Во изминатите четири години нашата театарска критика и културната јавност имаа можност да проследат преку 35 извонредни претстави на националните ансамбли од 15 држави од светот кои ни го доближија светскиот театар, неговата разновидна уметничка форма, ни предочија различни ракописи и погледи на маестралното творештво на Шекспир. Оттука, слободно можеме да кажеме дека „Битола Шекспир фестивалот“ е голем успех на македонската култура но, и голем триумф на македонскиот театар, на македонските актери, режисери, сценографи, на македонските ансамбли кои секоја година настапуваат на овој фестивал промовирајќи ја својата голема креативна моќ, својот уметнички потенцијал“, посочи Канческа Милевска.
Годинава фестивалот ќе има богата и разновидна театарска програма со непобитни естетски вредности, која, како што рече Канческа Милевска, ќе ја презентираат националните театарски куќи од Соединетите Американски Држави, Србија, Турција, Полска и од Израел.
„Со посебно внимание би сакала да го истакнам проектот со кој ќе биде отворено годинашното издание на „Битола Шекспир фестивалот“, а тоа е музичко-сценскиот перформанс кој се реализира во соработка меѓу македонскиот музички состав „Фолтин“, актерите од Санкт Петербург и од Битолскиот театар, како и долго најавуваната копродукција помеѓу Битолскиот театар и Компанијата Лит Мун од САД која ќе овозможи актери и режисери од двата театра заеднички да создадат четири кратки пиеси кои ќе бидат изведени како целовечерна претстава и кои заедно со претставата „Антоние и Клеопатра“ во ноември ќе бидат одиграни и во Санта Барбара, Калифорнија“, истакна Канческа Милевска.
На прес-конференцијата во Битола, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска јавно го поздрави вклучувањето на „Битола Шекспир фестивал“ во мрежата на Европската асоцијација на Шекспир фестивали, со што како што рече, стана дел од државите кои со голем пиетет го негуваат вербалното и сценското богатство на Шекспир.
„Битола Шекспир фестивал“ се одржува со поддршка на Министерството за култура кое годинава издвои три милиони денари, потврди директорот на НУ Народен театар Битола, Валентин Светозарев.