СДСМ Дебрца: Пешачката патека на Охридското Езеро е изградена без да се почитува регулативата за заштита на природното наследство

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите, во кое се вели:

Во врска со промовирањето на новоизградената пешачка патека покрај Охридското Езеро, во КО-Оровник од страна на министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, чувствуваме за потреба уште еднаш да ги запознаеме граѓаните на Дебрца и пошироката јавност за следното :

Поаѓајќи од фактот дека Охридското Езеро е со закон заштитен споменик на природата, прогласено за светско природно наследство и ставено под заштита на УНЕСКО, при преземањето на градежни и слични работи во езерото и на крајбрежјето, а во насока на зачувување и ненарушување на автентичноста и интегритетот на светското природно наследство потребно е целосно почитување и примена на домашната законска регулатива, која се однесува на заштитата на природното наследство, како и на меѓународните прописи и конвенции, чиј потписник е Република Македонија.

Секој градежен зафат во непосредна близина на брегот може негативно да се одрази на езерото во целина и да значи директно прекршување на целите на заштита на езерото, според кои заради заштита на езерото се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерото, се забранува преземање на активности со кои се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас ( изградба на бетонски и камени ѕидови и слично ).

Објаснувањето дека пешачката патека е изградена на катастарска парцела која е надвор од езерото не држи место, бидејќи согласно Законот за водите, за заштита на коритата и бреговите на природните водотеци и езерата се забрануваат градежни работи во крајбрежниот појас, кој за езерата е во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој. Во конкретниов случај, градежните работи се изведени со навлегување во литоралот на езерото.

При изградбата на пешачката патека не е почитувано ниту мислењето добиено ЈНУ Хидробиолошки Завод Охрид според кое материјалите кои се користат при градбата потребно е да бидат природни, а песокот мора да има автохтоно потекло од сливното подрачје на езерото.Спротивно на тоа, во текот на градбата на патеката се вградени големи количини на неавтохтон материјал, како бетон и железо.

Во врска со бенефитот од изградбата на пешачката патека, објаснувањето на министерот за транспорт и врски и градоначалникот на општината дека со овој проект ќе се добие уреден дел каде што жителите и туристите ќе можат да се рекреираат и релаксираат, во најмала рака е дискутабилно. За какво рекреирање може да стане збор на толку кратка пешачка патека од само 120 метри и која се граничи со асфалтниот коловоз од стариот регионален пат Охрид-Струга, по кој постојано се одвива сообраќај со моторни возила !?

Освен тоа, со изградбата на патеката, односно бетонско-камениот ѕид висинската разлика помеѓу патеката и езерото изнесува приближно два метри, со што во целост е прекината природната комуникација меѓу езерото и крајбрежјето, односно целосно е оневозможен пристапот во езерото. во просторот кој со години од страна на граѓаните, посебно на жителите на село Оровник се користеше како природен дел за рекреација и плажа, како и за осветување на крстот за верската манифестација по повод празникот Водици.

Според тоа, не сакаме ниту да помислиме дека се работи за уште еден проект од типот “немаме за леб, а трошиме за чоколадо”, односно за уште еден промашен проект во кој се потрошени 200.000 евра, народни пари.

Крајно, немаме ништо против проекти кои ќе го поттикнат развојот на туризмот и економијата. Против сме, ако како последица на таквите проекти езерото и околината се урбанизираат, бетонизираат и деградираат.“– се вели во соопштението.