Светската оперска дива Елина Гаранча пристигна во Македонија

Оперската дива Елина Гаранча која вторник вечер, ќе го отвори 56-то издание на фестивалот „Охридско лето“, попладнево пристигна на скопскиот аеродромот „Александар Велики“.

Срдечна и непосредна, со широка насмевка и неодолив шарм, кратко изјави дека со нетрпение чека да пристигне на охридската ривиера, место за кое слушнала дека е волшебно со прекрасно езеро.

„Само што пристигнав во Македонија и ова е мое прво доаѓање на Фестивалот Охридско лето. Едвај чекам да го видам тој прекрасен град и Фестивал. Пред извесно време настапив со Дмитри Хворостовски кој со воодушевување ми раскажуваше за неговиот настап пред три години. Се надевам дека и јас ќе ги доживеам истите мигови“, рече светски познатиот мецо-сопран.

Гаранча веднаш од аеродром со луксузен автомобил тргна за Охрид каде ќе биде сместена во апартман на хотелот Инекс Горица. Според најавите утре, заедно со диригентот Ион Марин и раководството на Фестивалот, во претседателската вила ќе бидат примени од претседателот Ѓорге Иванов.

Љубителите на уметноста на 12 -ти, на свеченото отворање на фестивалот, ќе имаат ретка можност да уживаат во нивниот заеднички настап во придружба на Оркестарот на Македонската Опера и Балет.

Маестро Ион Марин пак во Скопје пристигна три дена порано а денеска допатува во Охрид.

„Многу ми е драго што сум повторно во Македонија. Во Охрид сум за прв пат професионално како диригент но, всушност ова е мое 3-то доаѓање во Охрид и Македонија и многу сум возбуден“, рече Маестро Марин веднаш по пристигнувањето.

Романскиот диригент очекува незаборавен настап.

„Ја погледнав програмата за оваа година и можам да кажам дека е грандиозна има светски познати уметници а повеќето од нив се и мои пријатели. Години наназад слушам само пофалби за фестивалот од моите колеги но сега самиот се уверив и навистина ми е чест што сум дел од 56-то издание на Охридско лето. Особено ми е чест што ќе настапам со оперската дива Елина Гаранча која е на врвот на оперската сцена. Верувам дека заедно со Оркестарот на Македонската опера и балет ќе направиме незаборавен концерт“, изјави диригентот кој е еден од ретките кои има добиено интернационално признание и во симфонскиот и во оперскиот жанр.

Горд на фактот што е 2-ра генерација од семејството што е дел од Охридско лето, вели дека честа да се настапи на вака познат Фестивал е огромна.

„Мојот татко Константин Марин како диригент на Хорот на Романските Мидригалисти беше дел од овој фестивал во далечната 1967 па се до 1997 година. Првиот пат бев 7-годишно дете а потоа веќе момче и многу добро паметам дека тоа беше преубав престој. Сеуште се сеќавам на плажите, на преубавата црква Света Софија каде беа концертите. Прва работа која ќе ја направам кога ќе дојдам е да ја видам црквата. Со нетрпение чекам да дојдам и да си ги освежам сеќавањата“, рече Марин.

Концертот во традиционалниот термин на 12 –ти е со почеток во 21 часот а билетите по цена од 800, 1000 и 1200 можат да се набават во Дирекцијата на Охридско лето- Охрид и on line преку МК Тикетс.

image-0.02.01.26cf1edbdfc484cd09e3fb487bcc95cfe9b41b8bf86ef61b15862e38697cbda3-V