Оперската дива Елина Гаранча најави спектакуларен концерт за отворањето на „Охридско лето“

Уникатно и неповторливо доживување за фестивалската публика на отворањето на „Охридско лето“, со утрешниот голем концерт на Античкиот театар на светски познатата оперска певица Елина Гаранча во придружба на Оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентската управа на маестро Ион Марин од Романија.

„Навистина се чуствувам среќна и почестена што сум тука на овој фестивал кој зад себе има толку богата и долгогодишна традиција. За фестивалот слушнав од моите колеги и пријатели кои настапувале тука како Барбара Фритоли, Михаил Хворостовски така што верувам дека мојот утрешен настап ќе биде континуитет на прекрасни и возбудливи настани што се дел од фестивалот „Охридско лето“, рече оперската дива Елина Гаранча на денешната прес-конференција по повод отворањето на годинешното 56-то по ред издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата.

На програмата на утрешниот концерт се арии на Чајковски, Сен Санс и Гуно, специјално одбрани за да ги претстават особеностите и специфичностите во уметничкиот израз на самите композитори, а истовремено соодветствуваат на силината и квалитетот на гласот на оперскиот солист, додека вториот дел од концертот е резервиран за најпознатите композиции од операта „Кармен“.

Романскиот диригент Ион Марин кој ќе раководи со утрешниот концерт рече дека му претставува задоволство што повторно е тука во Охрид, овојпат како претставник на втората генерација уметници од неговото семејство кои настапувале тука.

„Во Охрид бев во 1969 година и во 1978 година, во време кога мојот татко настапуваше на фестивалот како диригент на хорот „Мадригал“ од Букурешт. Имам убави спомени од тоа време, а сега сум тука повторно, овојпат како диригент привилегиран да настапува заедно со Елина, така што со нетрпение го очекувам утрешниот настап пред публиката на „Охридско лето“, рече тој.

Директорот на „Охридско лето“ Оливер Арсовски од своја страна истакна дека огромен е интересот кај јавноста, како кај домашната публика така и кај онаа од странство, за утрешниот концерт што ќе го означи почетокот на годинешното фестивалско доживување.

„Се е подготвено за спектакуларно отворање, времето според дите проверки ќе не послужи така што можам да кажам дека не очекува невидено уметничко доживување достојно за реномето што го има „Охридско лето“, рече тој.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова – Неделковска за концертот со кој се отвара фестивалот истакна дека со години наназад се профилира како исклучителен неповторлив настан, кој воедно претставува еден од најексклузивните концерти во културните збиднувања во Македонија.

„Верувам дека со концертот уште еднаш ќе се потврди дека Елина Гаранча е изведувач кој со сигурност ќе им се приклучи на великаните. Дека е певица со сензационален глас, уметник кој зрачи со енергија и топлина што секое нејзино појавување на сцената го прави впечатливо и уникатно, Верувам дека фестивалската публика ќе има незаборавно уметничко доживување што долго ќе се памети“, рече таа.

Концертот на свеченото отворање на Фестивалот „Охридско лето“ е закажан за утревечер од 21 часот, на големата сцена на Античкиот театар.