Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, на покана од хрватскиот министер за култура Златко Хасанбеговиќ, синоќа присуствуваше на свеченото отворање на 67-то издание на реномираната манифестација „Дубровнички летни игри“ во Дубровник, Република Хрватска.
Свеченото отворање на оваа манифестација, која е една од најеминентните во пошироки рамки, беше доверено на светски познатиот тенор и диригент Хозе Кура од Аргентина, кој е интернационално прочуен по своите интензивни и оригинални интерпретации на оперските ликови, особено на водечката ролја Отело во истоимената опера на Верди.
На „Дубровничките летни игри“ од 10 јули од 25 август на 20-ина амбиентални локации во Дубровник ќе настапат повеќе од 2000 уметници кои ќе изведат 70 различни уметнички програми.
Министерката за култура Канческа-Милевска, која престојуваше во еднодневна работна посета на Република Хрватска, упати покана до хрватскиот колега Златко Хасанбеговиќ да биде гостин на годинашното издание на најзначајната музичко-сценска манифестација во нашата држава, фестивалот „Охридско лето“, како и на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“.