Оваа учебна година државна матура полагаше деветтата генерација на ученици кои го завршуваат средното училиште, истакна министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу, кој денеска ги презентираше резултатите од матурата.Тој рече дека државна матура полагале вкупно 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование.
„Прелиминарните резултати, кои се и конечни за оние кои нема да приговараат, ќе бидат објавени денес во 12:00 часот на огласните табли во училиштата и на интернет страницата matura.gov.mk. За учениците кои сметаат дека треба да достават приговор, истото можат да го направат преку училишната матурска комисија на 14 јули 2016 година, во периодот од 12 до 15 часот. Резултатите од приговорите ќе бидат објавени на 20 јули во училиштата“, рече Лутфиу.
Според податоците од Државниот испитен центар, просечната оценка на постигањата на матурантите за оваа година е 3,42 и е повисока во однос на минатата учебна година кога средниот успех беше 3,37, рече Лутфиу.
Министерот потсети дека учениците кои ја пропуштиле јунската испитна сесија, следна можност за полагање државна матура имаат во август, а пријавувањето во училиштата трае од 13 до 21 јули.