Во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“ вечерва во црквата Св.Софија, со почеток во 21:00 часот ќе настапи рускиот виолинист Максим Венгеров, заедно со „Менухин” (гудачки камерен оркестар, Швајцарија).
На програмата ќе бидат дела од В. А. Моцарт, Д. Шостакович.
За многумина тој е еден од современите светски исполнителски феномени на музичката уметност. Неверојатната музичка дарба на виолинистот Максим Венгеров заедно со одличното музичко образование овозможија тој да биде еден од највлијателните личности во музичката уметност на преминот на овој век. Венгеров е првиот уметник во класичната музика кој е назначаен за Интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ. Покрај изведувачката, значајна е и неговата диригентска дејност. Од 2007 година до денес, е предводник на некои од најзначајните оркестри во светот, како симфониските оркестри на Монтреал и Торонто.
Камерниот ансамбл „Менухин академи солоист“ (Menuhin Academy Soloists) е основан во 1977 година од страна на познатиот виолинист Лорд Менухин, какодел од Интернационалната музичка академија „Менухин“. Во ансамблот членуваат млади виолинисти, виолисти и виолончелисти од целиот свет. Речиси 40 години „Менухин академи солоист“ непрестано работи, а резултатите од оваа работа ги претставува на подиумите во Европа, Јужна Америка, Соединетите Американски Држави, Канада, Јапонија и Кина. Од 2011 година, ансамблот редовно настапува со виолинистот Максим Венгеров.