Заврши 43-та Галичка свадба

Со венчавката на Сандра Станковиќ и Александар Ристески во црквата „Свети Петар и Павле“ во Галичник, заврши 43-та Галичка свадба.

Повеќе илјади посетители од Македонија и од странство имаа можност да проследат 30-ина оригинални свадбени обичаи.

Годинава во центарот на вниманието беа зетот, 28-годишниот Александар Ристески, и четири години помладата невеста Сандра Станковиќ, двајцата од Скопје.

Манифестацијата Галичка свадба изобилува со многу карактеристични свадбарски обичаи и ритуали. Со овации и громогласен аплауз беше поздравена изведбата на „Тешкото“ – оро на печалбарите, кое го изведоа играорци.

На 43. тата Галичка свадба присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска и заменик министерот Драган Недељковиќ.

Министерката за култура меѓу другото изјави дека , во континуитет во годишната програма во Министерството за култура издвојуваме средства за Галичник бидејки сепак има одредени куќи кои се споменици на културата .

„Во момнетов се работи на куќата на Томовци, станува збор за целосна реконструкција и реставрација на куќата, и надворешно и внатрешно. Така да, до крајот на годината јас се надевам дека ќе биде завршена куќата на Томовци. Исто така, се работи еден значаен проект, а тоа е проектот за црквата Св Петка, по завршување на проектот следната година ќе се пристапи кон конзервација на црквата .

За црквата Св. Петар и Павле имаше побарано една мала интервенција од левата страна на ѕидната површина, каде што оваа година надлежната институција Национален конзерваторски центар тоа ќе го санира. Исто сакам да информирам за општинскиот Дом на култура.

Минатата година се извоија средства со кои се заврши еден дел од покривната конструкција на самиот Дом на култура и оваа година се планира да се заврши останатиот дел, така да и тој дел ќе се стави во функција. Континуирано се вложува во богатото културно наследство кое го поседуваме, како и во автентичноста на самите градби и на самата архитектура во овој мијачки крај.“- рече Канческа – Милеска.

Во двата дена, со звукот на тапани и зурли, беа преставени: канењето на сватовите, кумот, свекрвино оро, гледањето низ прстен, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот и редица други обичаи кои биле дел од свадбените веселби на мијаците во минатото.

Првато издание на Галичка свадба се одржало во 1963 година. Од 1990 година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од галичко семејство.

Во Галичник, една најголемите населби во мијачкиот крај, сега постојано живеат само двајца жители, но околу празникот Петровден доаѓаат илјадници посетители и туристи, а најбројни се токму за манифестацијата Галичка свадба.