Од 1 август стартува со работа руралниот лекар во Пештани, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за време на средби со жителите на туристичката населба Коњско при денешната посета на Охрид.
„Три дена во седмицата лекарот ќе работи во населеното место Пештани, додека по еден ден седмично ќе ги покрива населените места Трпејца и Љубаништа. Во тие три места живеат три илјади жители, тоа се исто толку потенцијални пациенти кои имаат свои потреби од лекар, така што на овојначин ќе им се излезе во пресрет при одредени медицински услуги и интервенции за кои нема да имаат потреба да одат во градот“, рече тој, изразувајќи задоволство што се реализира едно од ветувањата кон граѓаните.
На средбите со жителите на туристичката населба Коњско, Груевски се запозна со дел од нивните барања и очекувања, истовремено изврши увид и во текот на реализацијата на проектите што произлегуваат од дадените ветувања.
Жителите на оваа населба имаат одредени проблеми и тие укажаа на некои од нивните потреби. За дел од нив презедовме обврска да се завршат. Министерот за транспорт и врски презеде обврска да го реши проблемот околу осветлувањето во населбата, особено делот на влезовите од магистралниот пат, рече тој притоа најавувајќи и изградба на две сервисни улици во населбата, како и изнаоѓање решение за проблемот со потпорниот ѕид.
Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше на увид на местото каде се гради третиот потег од пешачката патека од каналот Студенчишта во Охрид кон поранешниот хотел „Парк“. Станува збор за пешачка патека во вкупна должина од 1.100 метри, со ширина од 12 метри за пешаци и за велосипедисти, целосно партерно и хортикултурно уредена, со модерно осветлување. Дел од патеката, односно 420 метри е реализиран со средства на ЕУ, додека преостанатиот дел од 610 метри се реализира со средства на локалната самоуправа.
Покрај уредувањето на самата патека, од претставници на локалната самоуправа беше информиран дека на тој потег е предвидено да бидат изградени уште ботаничка градина, како дел од Факултетот за туризам и угостителство и објект на Туристички информативен центар, со архитектонско решене кое ќе претставува уште една атракција за туристите.