Условот од 3.5 просек на Спортската академија ќе важи од наредната учебна година

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски информираше дека законската одредба според која учениците од Спортската академија мора да имаат најмалку 3.5 просечен успех за да можат да запишат следна година во тоа училиште, наместо од оваа, ќе се применува од учебната 2016/2017 година.

Како што посочи, одлагањето на примената е со цел да се им се излезе во пресрет на учениците и на родителите кои сметаат дека не биле навремено информирани за одредбата, чија што цел е да се унапреди нивото на квалитет на образованието во областа на спортот, спортскиот менаџмент, спортското новинарство и другите сродни области.

Инаку, Спортската академија како специјализирано државно средно училиште за спорт, на иницијатива на Владата на Република Македонија и на Министерството за образование и наука започна да функционира со стартот на учебната 2012/2013 година, како дел од државното фискултурно училиште во Скопје, а од минатата година се трансформираше во посебен правен субјект, во чиј состав има и дисперзирани паралелки во неколку други општини и чијашто работа е регулирана со посебен закон.