Влада-УНИЦЕФ: Постигнат солиден напредок во реформите за детските права

Владата на Република Македонија и УНИЦЕФ на денешниот состанок на високо ниво, заокружувајќи го процесот на среднорочна проценка на заедничката програма на соработка 2010-2015 година, се согласија околу потребата од зголемување на ангажманот насочен кон децата кои не ги уживаат во целост придобивките од економскиот  и социјалниот развој на земјата, соопшти МНР.

„Оценката за успешноста на соработката со УНИЦЕФ, говори во прилог на решеноста на Владата на Република Македонија за доследно почитување и промоција на правата на децата и нејзините напори да ги реализира обврските согласно меѓународните конвенции за заштита на најранливата категорија т.е. децата, преку активно спроведување на меѓународната агенда на национално ниво“, истакна министерот Никола Попоски.

Во овој контекст, тој се осврна на достигнувањата во изминатиот период, како усвојувањето на новиот закон за детска заштита, а во процедура е законот за правда на децата. Меѓу постугнувањата ги наведе ревидирањето на Националниот акциски план за деца во согласност со препораките од Комитетот за правата на детето, како и Стратегијата за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост.  Донесена е, се посочува, Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со попреченост и Национална стратегија за превенција на малолетничко престапништво, формирано е национално координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување, а ратификувана е и конвенција за правата на лицата со попреченост. 

Во таа насока министерот Попоски подвлече дека Владата вложува посебни напори за борба против сиромаштијата, чии најголеми жртви се токму децата. Заштитата и почитувањето на детскиот интегритет, од нас, бара континуирано активно дејствување и заедничко инвестирање.

Мари-Пјер Поарие, регионален директор на УНИЦЕФ за Централна и Источна Европа и Заедницата на независни држави, пак, изјави дека земјата може да се гордее на солидниот напредок во реформите предводени од Владата со цел да допре до најзагрозените и најранливите деца. 

Состанокот, исто така, овозможи дискусија меѓу сите одговорни министерства и УНИЦЕФ, насочена кон унапредување на состојбата на децата во Република Македонија. Најновата анализа на УНИЦЕФ покажува дека економските и социјалните реформи имаа позитивно влијание врз животот на многу момчиња и девојчиња. Сепак, се вели во соопштението, преостанатите диспаритети укажуваат на потребата од насочени напори, за да се гарантира остварување на правата на сите деца.