ВМРО-НП: Кои конкретни проекти во охридско-битолскиот регион ќе бидат финансирани од еврообврзницата?

ВМРО – Народна партија Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Последниве денови во јавноста доста се актуелизира последното задолжување на Република Македонија од страна на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Се изнаслушавме аргументи и од позицијата и од опозицијата за оправданоста од издавањето на еврообврзницата и со тоа ново задолжување со досега највисока каматна стапка.

Аргументите на власта беа дека буџетот е во добра кондиција и дека 450 милиони евра ќе се употребат за нови или довршување на веќе почнати проекти. Аргументите на опозицијата поучени од досегашното искуство со право беа дека овие средства ќе се употребат за пополнување на буџетскиот дефицит односно за пополнување на се поголемата дупка во фондот за пензиско осигурување и други социјални трансфери затоа што актулната власт со своето расипничко работење не успева да ги пополни овие дупки во фондовите од сопствени средства.

За да нема недоречености, а со тоа и шпекулации, ВМРО – Народна партија од Охрид бара од Владата на ДПМНЕ и ДУИ да донесе конкретна одлука за кои проекти ќе ги потроши овие средства од еврообврзницата, а со тоа прашуваме кои конкретни проекти ќе бидат финансирани во охридско-битолскиот регион? Дали тоа ќе се проекти од патната инфраструктура, енергетиката или од сферата на културата?

Ако не се донесе ваква одлука за тоа како ќе се трошат овие средства секако ќе се обвистинат сомнежите на целата опозиција дека парите ќе се трошат на непродуктивни работи, а ќе се потврди тоа дека оваа Влада наместо да работи 24/7 на реализација на проекти, таа всушност 24/7 не задожува со сериозни последици на иднината на нашата држава.“ – стои во соопштението од ВМРО – Народна партија Охрид.