Преиспитување на вредносните системи на денешнината, потошувачка наместо мисла и промисла, улогата на медиумите, агресијата на рекламите во капитализмот, и секако, културата, гледана од повеќе аспекти, манипулацијата преку медиумите, концептот „направи сам“, беа клучните сегменти на кои се задржаа учесниците на последната дебата на Фестивалот за процесирање култура „ДримОN“, која се одржа вчеравечер (сабота, 30 јули) пред голем број заинтересирани посетители.
Дебатата ја модерираше новинарката и активистка Ана Јовковска, а учесници беа Небојша Вилиќ, Влатко Галевски и Звонко Наумоски, додека публиката, исто така активно се вклучуваше во расправата.
Јовковска даде контекст со тоа што објасни дека влијанието на медиумите креира вредносен систем, но без соодветен систем на филтрација. Зборуваше за медиумите, како алатка, производ на капитализмот.
„Во овој контекст важи „трошам, значи постојам“. Рекламниот тероризам го наметнува тоа преку агресивните свелечки реклами, каде категоријата на вистината се заменува со категоријата на заводливост“ – рече Јовковска.
Галевски посочи на тоа дека кога се зборува за култура, треба прецизно да се утврди што е културата во однос на општеството и обратно.
„Културата покажува како изгледа општеството од внатре, а општеството е огледало на културата гледано од надвор. Ова утврдува и одредени правила за тоа како светот гледа на нас и како ние гледаме на нас во однос на културата и медиумите. Ние сме дел од културата, без разлика дали е наша волја или работиме врз нечија волја. Секој поединец има свој став за културата“ – кажа Галевски.
Професорот Вилиќ објасни дека целата структура на капитализмот е сведена на тоа како да дојде до субјекот и како ние да се препознаеме како субјекти и да бидеме склони кон тршење:
„Фала богу што немаме многу, па не можеме многу и да трошиме. Културниот шок кој го живееме е токму тоа што од една еманципаторска функција преминавме во рестриктивна функција на општеството“.
Наумоски пак, додаде дека капитализмот секогаш ќе наоѓа нови механизми за потрошувачка.
„Ние постојано сме изложени на некакви реклами и заведувачки инструменти од страна на медиумите. Односот кон културата го интерпретира нашиот однос кон тоа како го интерпретираме општеството“ – вели тој.
Учесниците на дебатата се задржаа и на сегашниот проблем дека медиумите речиси и немаат новинари кои се занимаваат со култура, па така и рубриките за култура речиси и не постојат.
Галевски направи паралела во однос на културата во медиумите некогаш и сега.
„Ја имаав таа среќа или проклетство да бидам во сите можни медиуми. Не би сакал да правам споредби за некогаш, но со сигурност можам да кажам дека било различно. Во однос на тоа каква култура имаме и конзумираме наспроти таа пред 30 години, состојбите се дефинитвно различни на лошо“ –рече Галевски.
Наумоски пак, објасни дека тој бил дел од „златното доба“ на македонското новинарство, во годините кога се формираа првите приватни медиуми и кога се појавила потребата да има соодветен простор и за култура. Но, тоа сепак било само одреден, кус период, за потоа тој простор да се сведе едвај на една страница.
„Никогаш не сме успеале да создадеме здрав и зрел културен медиум, трансформирајќи се низ годините, дојдовме до тоа на народот да му се нудат леб и игри кои треба да ги заменат концептите на примање и конзумирање култура, секако со чест на исклучоци“ – рече Наумоски.
Беше посочен и концептот „Направи сам“, па професорот Вилиќ ги повика младите да се наслонат токму на ова.
„Направете самите ваш медиуми. Користете нови медиуми и обидете се да ги проследувате вашите пораки преку истите, очекувајќи дека некој ќе ги прими. Да не чекаме друг да ни ги заврши работите кога можеме ние и самите“ – рече тој.
Наумоски пак, даде и една оптимистичка насока на дебатата:
„Се надевам ќе дојде време кога ќе зборуваме за некаква инстуционална поддржана уметност и независна сцена. До тогаш едниствена можност е да бидеме ментално здрави и да создаваме вакви настани како „ДримON“, кадешто луѓето ќе имаат простор за буквално сè“.
Содржините од дневните термини на фестивалот, смесетени во Паркот на поезијата привлекоа интерес кај јавноста, па се зборуваше з еколошките проблеми кои ѝ се закануваат на Галичица. Најмладите учесници на фестивалот, пак, веќе втор ден креираа и уживаа со работилницата за графити со Цветан Неделковски – Хром. Голем број деца исто така учествуваа и на работилницата со Театарот на сенки „Сенки и облаци“, правејќи самите алатки за ваков вид театар.
Четвртото издание на „ДримON“ се одржува од 27 до 31 јули во Струга и е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).