Четвртото издание на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“ донесе свежина на струшката културна сцена, каква што одамна недостасуваше. „ДримON“ ја „дигна од мртвите“ и им покажа на стружани и на сите останати посетители дека жед за култура и уметност има, а организаторите, Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА) знаат како да понудат вистинска содржина. Најголемите познавачи коментираа дека градот им личи како да е во најубавите времиња од Струшките вечери на поезијата.
Публиката, не само што учествуваше како гостин на многубројните содржини, дебати, изложби, работилници, проекции на филмови, театар, концерти и диџеј-сетови, туку и се вклучуваше во расправи, даваше предлози, сугерираше решенија. Со еден збор, беше навистина, активен учесник.
Задоволни по успешното издание, организаторите од ИНКА, заслужено, може да одморат со насмевка.
„Со самата поддршка која овој пат ја доби, видовме што значи да се покаже овој фестивал во вистинско светло, со сите ресурси што се потребни. Програмата ни е силна страна, но ни недостасуваше сериозна поддршка во поглед на инфраструктура и логистика. Овој пат имаше армија која работеше на фестивалот, за разлика од минатите години кога бевме само неколкумина“ – објаснува Кристина Тодороска Петреска, дел од организаторите на „ДримON“.
Таа објасни дека целта на сите нив е – големата слика: Струга да биде препознаена на мапата на креативни градови.
„Знаеме дека ова е начинот Струга повторно да стане град со она ниво кое го имаше во минатото –град во кој постои прогресивна култура, субкултура, редовни настани. Да докаже дека не е провинција. Оваа година, докажавме дека доколку заедницата е со нас, како што беше годинава, сèе можно. Имавме прекрасен тим, многу млади луѓе доаѓаа кај нас и ни бараа задачи, сакаа да се дел од ова, да придонесат. Полни сме од таа вклученост“ – вели таа.
Писателот Димитрие Дурацовски, еден од најпознатите и највлијателните луѓе кога станува збор за развој на оваа културна сцена, изјави дека тој е сведок и соучесник на случувањата на „ДримON“.
„Сето ова се случуваше буквално пред мои очи. Пред четири години, неколку млади луѓе кои сонуваа за еден поинаков град и не се согласуваа со синтагмата наречена провинција, започнаа еден алтернативен потфат буквално на мускули и го нарекоа „ДримON“. Што се случи? После само четири години тој ентузијастички „ДримON“ прерасна во извонреден фестивал кој продуцира култура од сите видови и на воодушевување на многубројната публика ги освои просторите на Струга, од капацитетите на Центарот за култура до Паркот на поезијата каде што изминатата недела вриеше како во кошница. Ова се преубави денови кои ги потсетија граѓаните на Струга на славните почетоци на Струшките вечери на поезијата кога градот дишеше како еден организам. Познавајќи ги момците и девојките од „ДримON“, јас знам дека фестивалот има веќе загарантирана иднина“ – рече Дурацовски.
Петтде дена градот дишеше со „ДримON“, а граѓаните коментираат дека, само што се навикнаа на ваква убавина во нивниот град, фестивалот мора да заврши.
„Ќе ни недостасува, кој ќе го чека дури до година. Целото мое семејство сме тука, со децата сме на работилниците на пладне, а навечер со пријателите ги следиме и дебатите и концертите. Многу умно смислен фестивал“– вели посетителка од Скопје, која туристички ја посетува Струга.
Стружани пак, коментираат дека Паркот на поезијата одамна не изгледал олку добро. Таму беше позиционирана чил аут зоната, со работилниците за деца, музика и презентации на активности на граѓански здруженија.
„До сега, мајка ми не можев да ја извадам од дома, од пред телевизор. Со „ДримON“, таа уште од сабајле се спрема за работилниците, го зема внукот и речиси цел ден се таму. Ни плажа не им е веќе интересна“ – се насмевнува една стружанка, која го посетувала фестивалот и претходниве години.
Младата Златка Кувенџиеска изминативе години била волонтерка на фестивалот, а сега беше вклучена како дел од тимот за односи со јавност.
„Во „ДримON“ пливам веќе 4 години. Од секогаш ме интересирале јавни настани и контакти со луѓе. Не само што јас им помогнав на дримонци, туку и тие ми помогнаа мене со тоа што ми дадоа можност да си ги усовршам моите PR вештини и да се надградам во областа на новинарството. Најголема мотивација и инспирација ми беа дебатите, особено панелистите. Можам да замислам колку ќе биде поинтересно наредната година, едвај чекам“ – изјавува Кувенџиеска.
Волонтерот Јордан Лазороски пак, објасни дека со ангажманот на „ДримON“, како дел од хостинг тимот, имал можност да ги усоврши своите комуникациски вештини.
„Со самото тоа што бев во постојан контакт со луѓе, многу често се воодушевував и инспирирав. Тука би го издвоил мојот контакт со Оливер од „Канда Коџа и Небојша“, неговата позитивна енергија и советите коишто ми ги сподели навистина влијаеа на мене“– рече Лазороски.
Тој извдои дека најмногу го воодушевиле дебатите.
„Не само што темите беа актуелни, туку доаѓаа многу луѓе самоволно, што за Струга тоа е чудо со оглед на тоа што многу ретко, а можеби и никогаш не се организираат јавни дебати од овој тип. Мој предлог за следната година: поради карактеристичноста на Струга, а и името на фестивалот, за наредната година би дал предлог фестивалот да се рашири и покрај вода, не само во и околу Центарот за култураѐ“ – вели тој.
Лидија Мојсо, задолжена за видео-материјалите на феситвалот рече дека за неа особено е важно тоа како фестивалот влијаеше на Струга.
„Да бида искрена и нескромна, во иднина „ДримON“ го гледам како еден од поголемите фестивали во Македонија“.
Прв пат оваа година, фестивалот имаше и фондовска поддршка, па ова издание е овозможено со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).