Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните на Охрид и Република Македонија и до сите Македонци ширум светот.
„Нека ни е честит најголемиот македонски празник – Илинден, денот кој нè задолжува, обединува и инспирира. Нека бидат вечни спомените на илинденците и хероите на Народно-ослободителната и антифашистичката војна. На овој празник се поклонуваме на славното дело на Револуцијата, на храброста, на доблеста, на љубовта кон Татковината.
Благодарение на двата Илиндена, 1903 и 1944, кои се светилникот на нашата борба за сопствена држава, денес имаме можност да живееме во демократска и независна Република Македонија. Со Илинден 1903, којшто е кулминација на сите претходни востанија и индивидуални гестови на лична саможртва и Првото заседание на АСНОМ на кое се верификуваа придобивките од Народноослободителната борба, вековниот сон на македонскиот народ за сопствена држава, почна да станува реалност.
На темелите кои ги поставија славните илинденци и асномци го градиме соживотот во суверена, демократска и самостојна Република Македонија, а она што во минатото било борба за сопствена држава, денес прераснува во борба за повеќе работни места, за повеќе инвестиции, за посилна економија.Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградбата на модерно, просперитетно и европско општество“ – стои во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески по повод 2-Август – Илинден, Денот на Републиката.