Претседателот Иванов во посета на најкритичните точки во Скопско

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, придружуван од началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски, скопскиот градоначалник Коце Трајановски, градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и од претставници на полицијата, денеска направи увид во состојбите во најкритичните точки близу скопската обиколница кои беа најпогодени од синоќешното невреме.

Претседателот Иванов изрази сочувство и жалење за жрвите од невремето, како и за повредените. Информира дека на терен се 400 припадници на АРМ и 300 полицајци кои поделени по региони им помагаат на локалните жители.

Порача граѓаните да помогнат и на веќе отворените пунктови да донираат вода, храна… зашто сега, како што потенцира, е момент за хуманост. Се очекува, додаде претседателот Иванов, да биде прогласен и ден на жалост, а ќе се отворат и жиро сметки каде ќе може да се донираат финансиски средства за санирање на штетите.

001_poplava_singelik_2

„Досега ваква непогода не се случила. Штетите се огромни, но тие ќе се надоместат, а изгубените животи не може да се вратат. Ги повикувам сите граѓани да помогнат бидејќи сега тоа е најнеопходно. Летен период е, можни се многу непријатности. Понудена е медицинска помош, како и помош од сите институции. На најпогодените места каде моментно се наоѓаме, уништени се многу домови, како и инфраструктура”, изјави македонскиот претседател, додавајќи дека кризниот менаџмент е активиран, а Владата заседава.

Претседателот Иванов ја посети и населбата Сингелиќ, по што продолжи во останатите најкритични точки од овој регион, нагласи дека како врховен командант презема се што е во негова надлежност и така ќе продолжи, институцијата Претседател максимално ќе се ангажира во рамки на нејзините ингеренции.

Во текот на обиколката во погодените подрачја, надлежните објаснија дека од десната страна на скопската обиколница што води кон клучката Црешево – Стајковци преполн е специјално направениот базен за собирање вода, длабок 20 метри, што укажува, рекоа, на јачината на невремето што го зафати Скопско.

001_poplava_singelik