УХМР: Невремето со веројатност на појавување еднаш во илјада години

Регистрираниот рекорден интензитет на невремето што завчера ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години, соопшти попладнево Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според податоците на УХМР, невремето траело пет часа, од 17.20 до 22.10 часот во два интензивни налета. Вкупната количина врнежи според дождомерот изнесувала вкупно 92,9 милиметри.

„Она што треба да се нагласи е дека измерена екстремна количина на врнежи со петчасовно траење и интензитет од 51,71 секунди на хектар. На главната метеоролошка станица во Скопје, на Зајчев рид, е забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри што историски гледано е скоро двојно повеќе од досега измерените 49,2 милиметри во 1996 година“, велат од УХМР.

На метеоролошката станица Скопје – Петровец, досега е измерен петчасовен интензитет од 55,5 милиметри во 1981 година.

Од УХМР велат дека во текот на завчерашното невреме, интензитетот на едночасовните врнежи од 19.30 до 20.30 часот е 36,1 милиметар што е втор по големина во досегашните историски мерења на Зајчев рид.

„УХМР ги анализираше податоците од автоматските метеоролошки станици на Зајчев рид, Гази Баба и Карпош. Екстремен интензитет е забележан на станицата Гази Баба во 17.50 часот каде за десет минути наврнале 15,9 милиметри. Невремето беше проследено и со многу силен ветер чија брзина во 17.30 часот на Зајчев рид била максимални 22,7 метри во секунда“, појасуваат од Управата.

Извор: meta.mk