Вечерашната програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде исполнета со концертен настап на пијаностот Филип Маџунков од Србија.
Концертот е со почеток во 21:00 часот во црквата Св.Софија, а влезот е 300 денари.
„Интерпретацијата на Филип Маџунков, според богатството, сериозноста и посветеноста, може да се мери со процесот на експозиција на музичкото дело. Внимателноста со која пристапува кон пијанистичката интерпретација, неговата сосредоточеност и широкиот дедуктивно-истражувачки опсег импонираат и како средство за постигање на што посовршен впечаток, но и како метода во работата. Во својата поетска сеопфатност, Филип Маџунков ја приближува интерпретацијата до оригиналот, олицетворувајќи го и продолжувајќи го неговото дејство. Концептот на јавно изведување на делото тој не го гледа како единствен исход на својата работа, туку е свртен кон процесот како кон област на живо интересирање. Во таа инверзија, концертирањето е само станица на долгиот пат што на одамна создадените уметнички форми им вдахнува нов живот низ развојноста како универзален јазик на уметноста,“ вели за уметноста на Маџунков, Дејан Синадиновиќ.
Филип Маџунков е пијанист, роден во 1980 година во Белград. Музичко училиште завршува во Земун, во класата на познатиот музички падагог Јокут Михаиловиќ. Во 1996 година Филип Маџунков се запишува како студент на т.н. „нулта година“ – посебно обмислена програма за талентирани млади пијанисти на Академијата за уметност во Нови Сад – за следната година да стане и редовен студент на таа Академија.
Во 2001 година, дипломира на ФМУ во Белград, а потоа дополнително се усовршува во школата „Алфред Корто“ во Париз, во класата на Жермен Муние. По враќањето во Белград запишува магистарски студии на ФМУ во Белград, во класата на пијанистот Александар Сердар, а потоа и докторските студии во класата на пијанистот Дејан Синадиновиќ. Токму со делата на Фредерик Шопен Маџунков ќе го одржи својот прв самостоен концерт во 1995 година во Галеријата на САНУ во Белград.
Филип Маџунков влегува во редот на оние претставници на новиот бран на млади уметници од кои се очекува да ги афирмираат дострелите на современата интерпретација во нашата средина.