Претседателот Иванов на проштална средба со амбасадорот на Кина, Вен Џеншун

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во проштална средба го прими амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Вен Џеншун.

На средбата беше заеднички констатирано дека односите меѓу двете земји се на исклучително високо ниво и беше искажано задоволство од континуираните напори за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

На средбата претседателот Иванов оцени дека постои огромен потенцијал за натамошно јакнење на соработката и изрази уверување дека со заеднички ангажмани и со силна посветеност ќе продолжи унапредувањето на пријателските односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов упати честитки до својот колега, претседателот на НР Кина,  Си Џинпинг за континуираниот развој и напредок на НР Кина.

Амбасадорот Џеншун упати честитки до претседателот Иванов за неговата лична посветеност и придонес во јакнењето на односите и соработката на Република Македонија и НР Кина, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат како амбасадор и изрази задоволство од соработката со сите македонски институции.

Претседателот Иванов му се заблагодари на амбасадорот Џеншун за неговиот ангажман и добрата соработка и му посака успех во натамошната работа.