Партиите, засега, без пречки одат кон лидерска средба на 31 август и избори во декември

Политичкиот договор на партиите тече според зацртаниот план. И од двете македонски партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, велат дека нема да има задоцнувања и одлагања, ниту пак проблеми за да се спроведат сите активности за кои партиите се согласија на 20 јули.

Од СДСМ информираат дека единствена промена ќе има во датумот за формирање на ад хок телото, кое ќе доцни четири дена.

Поддршка за исполнување на договорот од 20 јули дадоа и амбасадорот на САД, Џес Бејли и амбасадорката на Франција во заминување, Лоренс Оер, која на прошталната средба со вицепремиерот Арбер Адеми порача партиите да го исполнат договреното.

Вчера средба со лидерите на четирите партии потписници на Договорот од Пржино одржа и Чарлс Купчан, директор за европски прашања при Националниот совет за безбедност на САД. На средбата присуствуваше и амбасадорот на САД, Џес Бејли, кој потоа на својот профил на „Твитер“ напиша „Добар состанок со Купчан и со лидерите на политичките партии: Да се исполни договореното од 20 јули, поддршка за СЈО, Македонија да се врати на патот на ЕУ и НАТО.“

Извор: meta.mk