Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба ја прими Н.Е. г – ѓа Лоранс Оер, амбасадор на Француската Република во Република Македонија.
Двајцата соговорници го поздравија успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и заемно констатираа дека постои голем потенцијал за нивно продлабочување во сферата на економијата, културата, образованието и науката.
На средбата беше изразено заемно задоволство од динамизирањето на политичкиот дијалог и контакти на сите нивоа. Претседателот Иванов изрази задоволство што по средбата со претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд, евидентно е зголемена динамиката на политички контакти и изрази надеж дека таквата динамика ќе продолжи и во наредниот период.
Претседателот Иванов се заблагодари за севкупната поддршка што Француската Република ја дава на Република Македонија во реализација на стратешките цели – членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази задоволство за ангажманот на Франција во Брдо-Бриони процесот и оцени дека со Париската конференција се потврди интересот за Република Македонија и регионот.
Амбасадорката Оер изрази уверување дека Франција ќе остане посветена на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази поддршка во реализацијата на стратешките цели на Република Македонија. На крајот од својот ангажман во Република Македонија, се заблагодари за гостопримството и соработката со македонските институции.
Претседателот Иванов на амбасадорката Оер и се заблагодари за севкупниот нејзин ангажман и и посака успех во натамошната кариера.