Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов свечено им ги врачи пехарите и наградите на победниците на годинешниот, 30-ти по ред Охридски пливачки маратон, на македонскиот пливач Томи Стефановски и победникот во женска конкуренција, Олга Козидуб од Украина.
Претседателот Иванов во поздравното обраќање на свечениот приемна пливачките маратонци истакна дека чест и задоволство е да се биде покровител на една од најзначајните спортски манифестации во Македонија.
„ Дозволете од се срце да им честитам за постигнатото и на победниците и на оние кои годинава не се закитија со трофеите. Сакам да знаете дека овде нема поразени, сите кои учествуваат се победници. Ви посакувам и понатаму да продолжите да доаѓате на Охридскиот маратон и воопшто во Република Македонија . Вратите, секогаш, ви се ширум отворени”, порача претседателот Иванов.
Претседателот Иванов истакна дека Охридскиот маратон остава особен печат преку драматичната спортска претстава на врвните светски маратонски пливачи. „Токму пливачите кои се во постојана борба со времето и водата, но и со себеси и со своите можности се главните актери на овој особен спортски настан. Тие се инспирација за сите останати, и тие преку тренинг, волја и истрајност да успеат во својот живот”, рече во обраќањето македонскиот претседател.
Инаку на македонскиот пливач Томи Стефановски кому ова му е 17-ти настап на маратонот во Охрид, патеката „Климе Савин” од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид долга 30 километри ја исплива за 5:55:18 часа. Второто место му припадна на Едуардо Стокино од Италија, а третопласиран на охридскиот маратон е Матеус Евангелиста од Бразил.
Победник во женска конкуренција е Олга Козлодуб од Украина која низ целта мина заедно со победниците во машка конкуренција, второпласирана е Дарија Килик од Русија, додека како трета на целта пристигна Пилар Геиљо од Аргентина.
Охридскиот маратон што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при” серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) и е најголемата меѓународна спортска манифестација во земјата.