Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, испрати телеграма со сочувство до претседателот на Р.Италија Серџо Матарела, премиерот Матео Ренци и граѓаните на Италија за жртвите од катастрофалниот земјотрес што се уште ја тресе земјата.
„Изразувам искрено и длабоко сочувство за стотиците жртви и повредени во еден од најсмртоносните земјотреси што ја погоди Република Италија, во име на граѓаните на Република Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во лично име.
Со големо жалење и загриженост ги следиме информациите за ситуацијата со големиот број настрадани, тешко повредените и потресите што не престануваат.
Ја споделуваме болката со семејствата кои загубија свои најблиски и нашите мисли и надежи се со граѓаните кои се борат за живот под урнатините и во болниците.
Со оглед дека во овие моменти приоритет е спасувањето на преживеаните, очекувам солидарност од широки размери сега, како и во надминувањето на разорните последици со огромни материјални штети.
СДСМ е подготвена да помогне на Р.Италија во рамки на своите можности.
Посакуваме брзо опоравување на повредените и стабилизација на природната непогода“.