Македонија го победи Луксембург на стартот од квалификациите за Евробаскетот 2017

Успешна премиера на новиот национален тим на Македонија во квалификациите за пласман на Европскиот шампионат во 2017 година. Нашата најдобра селекција во 1 коло од Групата Г славеше лесна победа над Луксембург од 89:75 (30-13, 18-15, 21-26, 20-21).

Фантастичното прва делница и маестралниот капитен Војдан Стојановски уште по првите десет минути на дуелот во салата Јасмин во Кавадарци кој ги добивме со 30-13 ни обезбедија мирен и убедлив триумф над Луксембург.

Само во воведните минути од мечот кошаркарите на Луксембург беа рамноправен противник на црвено жолтите. По израмнувањето на 9-9 избраниците на селекторот Драган Раца ја засилија играта во одбрана, проработе и нашето најсилно оружје шутот зад линијата за три поени браќата Стојановски и младиот Магдевски беа прецизни од сите позиции и со серија од 15-2 го најавија конечниот епилог на мечот.

Во сличен ритам нашите најдобри кошаркари го одиграа и финишот на полувремето и на одмор заминаа со водство од 48-28.

На почетокот на второто полувреме гостите од Луксембург ја казнија опуштената игра на македонските репрезентативци. Одбраната не беше на потребноно ниво , а лошо игравме и во нападот што резултираше со намалување на убедливата предност на 56-45. Магдевски и капитенот Војдан Стојановски ја прекинуваат серијата на Луксембург од 9-0 и обезбедуваат ново сигурно водство од 72-54. Но, потоа следува уште еден пад во играта на црвено жолтите , во 34 минута кошаркарите на Луксембург намалија и на 75-65 , но селекторот Раца со неколку измени повторно ја подигна играта на тимот , па на крајот стигнавме до заслужена победа од 89-75.

Најзаслужни за стартниот триумф над Луксембург очекувано се капитенот Војдан Стојановски кој со 28 поени беше најефикасниот поединец на мечот и одличните Костоски, Дамјан Стојановски со по 13 поени и Јаневски со 10 уфрлени коша.

Нашиот национален тим веднаш по дуелот во Јасмин во Кавадарци се врати во Скопје бидејќи веќе в петок преку Загреб заминува за Лондон. Во сабота селекцијата на Македонија во 2 коло од групата Г му гостува на директниот конкурент за место на Евробаскетот составот на Велика Британија.

Во премиерното коло Британците доживеаја убедлив пораз од Унгарија од 96-77.

„Најважно е што победивме и со триумф ги отворивме квалификациите. Игравме против Луксембург и иако предупредувавме, се чини дека кај одредени кошаркари името на противникот влијаеше и за мало опуштање, односно недоволна концентрација во некои периоди од мечот. Во првите пет минути имавме таква ситуација, како и во третата четвртина. Се потрудивме сите кошаркари да добијат своја шанса во ротација, но ако не играат сите петмина цврста одбрана, ние ќе имаме проблем против секој противник. Можам да кажам дека овој меч беше добра подготовка за многу потешкото гостување против Велика Британија. И тие сличен стил на кошарка, со индивидуалци како и Луксембург, но ја имаат и потребната висина и цврстина под обрачите. Ја минавме првата пречка и одиме понатаму, јас се надевам со уште подобра игра од оваа вечерашната против селекцијата на Луксембург. Сакам да им се заблагодарам на фановите во Кавадарци за поддршката“, – изјави селекторот Драган Раца по триумфот над Луксембург.