Со воден мост како поздрав за воздухопловот, церемонија на сечење торта, како и традиционалната македонска закуска за добредојде, ТАВ Македонија вечерва на охридскиот аеродром ,,Свети Апостол Павле’’ ја пречека првата група од 110 израелски туристи кои од Тел Авив пристигнаа со чартер-летот на израелската авиокомпанија Аркиа.
Од ТАВ Македонија велат дека се задоволни што овие чартер-летови кои беа најавени лани почнуваат да се реализираат, а се резултат на активностите на ТАВ холдингот од Истанбул за привлекување на нови авиокомпании и тур-оператори на охридскиот аеродром.
„Со првиот лет на авиокомпанијата Аркиа за Охрид се отвора нов туристички коридор меѓу Израел и Македонија, можност ценетите гости од Израел да се запознаат со природните убавини на Охридското езеро и воопшто на Македонија и со културните знаменитости, како што често знаеме да кажеме, на македонскиот Ерусалим. Се разбира тука е и можноста да ја вкусат македонската храна и македонските вина, како и да ги почувствуваат гостопримството и љубезноста на нашите луѓе“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од аеродромскиот оператор објаснуваат дека почнувајќи од денеска, 9. јуни, Аркиа ќе лета три пати неделно на релација Тел Авив-Охрид и назад, се до 23 октомври, и тоа секој вторник, четврток и недела.
Во вторник на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле авионот на Аркиа ќе слетува во 16:30 часот, а ќе полетува во 17:30 часот, во четврток – ќе слетува во 18:40 часот, а ќе полетува во 19:55 часот, и во недела – во Охрид ќе слетува во 19 часот, а за Тел Авив ќе полетува во 20 часот.
Од ТАВ Македонија велат дека летово на Св. Апостол Павле се очекува да долетаат 50 чартер-летови од Тел Авив со авиокомпанијата Аркиа, кои во периодот јуни-октомври во Охрид треба да донесат 5.500 израелски туристи.
„Во името на Аркиа чест ми е да бидам денес тука, во убавата Македонија, со првата група туристи од Израел. Како втора најголема авиокомпанија и еден од главните тур-оператори во државата, Аркиа секогаш е во потрага по нови дестинации за израелскиот пазар, а ние веруваме дека Македонија, со сите нејзини природни богатства, историја, гастрономија и згора на сè на прекрасните луѓе, за кратко време ќе стане една од бараните дестинации за одмор на Израелците. Аркиа е благодарна на аеродромските власти и на локалниот туристички одбор за прекрасниот дочек и за помошта и поддршката при воспоставувањето на линијата меѓу Тел Авив и Охрид“, изјави Анат Ахаром, потпретседател за продажба и маркетинг на Аркиа Интернешнал.
Аркиа прв пат на охридскиот аеродром леташе во 2011 година, но тогаш се реализираа само неколку летови. Од менаџментот на ТАВ Македонија очекуваат обновената соработка со израелската авиокомпанија да продолжи и во наредните години, редовно носејќи израелски туристи во македонскиот туристички бисер – Охрид.
Со овие чартер летови од Тел Авив, со новата линија Белград-Охрид и со новиот чартер-лет Брисел-Охрид, кои наскоро ќе почнат од Св. Апостол Павле, како и со редовните летни чартер-летови од Амстердам и трите редовни линии кон Лондон, Базел и Цирих, аеродромскиот оператор очекува заживување на Св. Апостол Павле, односно зголемен сообраќај кој ќе придонесе и повеќе туристи да го посетуваат Охрид, но и повеќе граѓани од охридско-струшкиот регион и пошироката околина на југозападна Македонија да летаат во странство.
Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле минатиот месец од страна на ACI Europe (Airports Council International – Europe) беше прогласен за втор најбрзорастечки мал аеродром во Европа во првиот квартал од 2016 година, со пораст на бројот на патници од 173,9%.
ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510.
Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите пет месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 648.745 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 16%.