По повод Денот на независноста 8 Септември, Државниот архив на Република Македонија денеска на плоштадот „Македонија“ отвори изложба „25 години независна Република Македонија“.
На 25 паноа се презентирани околу 500 документи и фотографии од најважните случувања и личности кои ги одбележале изминатите 25 години по Референдумот за независност во 1991.
Покрај изложбата, ДАРМ на плоштадот постави и штанд со архивски изданија наменети за продажба, меѓу кои се и документи од едицијата „Копија – верна на оригиналот“, заеднички проект на Архивот и Министерството за култура. Средствата од продажбата ќе бидат донирани за помош на граѓаните од поплавените подрачја.
На отворањето на изложбата присуствуваа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на ДАРМ Филип Петровски.
Покрај изложбата, која на плоштадот ќе биде поставена до 20 часот, ќе има и изненадувања за најмладите во вид на балони во црвена и жолта боја, а подготвено е и специјално издание од „Република“, првиот дневен весник во Македонија.
Овој проект на Архивот ќе биде претставен и во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово, каде што има архивски одделенија, како и во други општини низ државата.
Министерката изјави дека изложбата која ги претставува најзначајните општествени случувања во досегашното две иполдецениско постоење на македонската држава, е меѓу настаните од програмата за одбележување на годишнината која се организира под покровителство на Владата на Република Македонија.
Претходно, Канческа-Милевска и скопскиот градоначалник Коце Трајановски на прес-конференција ги соопштија настаните со кои ќе се одбележат 25 години од независноста на Република Македонија.