Објавен Годишниот конкурс за финансирање проекти од културата за 2017 година

Министерството за култура денеска во дневниот печат го објави Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2017 година, на кој може да се аплицира во наредните 30 дена, односно до 3 октомври 2016 година.

Конкурсот е за проекти од областите: издавачка дејност, драмска дејност, фолклор и музичко-сценска дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн, заштита на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство, европски интеграции и од меѓународна дејност.

Право на учество на конкурсот имаат правни лица – установи од културата (локални или приватни), здруженија, сојузи, асоцијации, како и физички лица.

Тие треба да пополнат пријава за соодветната област. Пријавите може да се преземат од веб-страницата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk) на која е објавен и Конкурсот со информации за право на учество и за начинот на аплицирање.

Пријавите може да се достават до Министерството за култура по пошта, на адреса ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, 1000 Скопје, или лично во Министерството најдоцна до 16.30 во работни денови до последниот рок.

Резултатите од Конкурсот ќе бидат објавени во печатените медиуми и на веб-страницата на Министерството. Бројот на поддржани проекти на Конкурсот и паричните износи што ќе им се доделат ќе бидат утврдени согласно со Буџетот на Министерството за култураза 2017 година.

На овој Конкурс не учествуваат национални установи од областа на културата. Во согласност со Законот за култура, националните установи во јуни тековната година донесуваат нацрт-годишна програма за работа на установата и ја доставуваат во Министерството за култура.