По повод денот на независноста на Република Македонија на 8ми септември (четврток), Здружението Охридски Атлетски Маратон 2012 организира Јубилеен 30-ти Меѓународен Атлетски Маратон од Свети Наум до Охрид во должина од 30 км.
„За жал мораме да напоменеме дека ова веројатно ќе биде и последниот од така долгата традиција, имено од 15.08. имаме доставено барање до Општина Охрид да се изјасни дали конкретно ќе застане зад оваа манифестација односно дали има потреба од ваква манифестација на денот на независноста на Република Македонија или не и до денес немаме одговор. Поради недостиг на финансиски средства се потешко успеваме да ја организираме оваа традиционална меѓународна манифестација и ако Општината Охрид нема потреба, иако и во минатото и сега истакнуваме дека Општина Охрид е Генерален Покровител на Маратонот, тогаш од наредната година Ние како Здружение нема да ја организираме оваа традиционална манифестација.“- велат од Здружението Охридски Атлетски Маратон 2012.
Досега пријавени се 85 учесници, од кој 73 во машка и 12 во женска конкуренција, а се очекува до стартот на трката да има повеќе од рекордните 107 колку што имаше на Јубилејниот 25-ти Маратон во 2010-та година.
„Од позначајните учесници ги имаме минатогодишниот победник Абел Роп од Кенија,како и второпласираниот Тамаш Наги од Унгарија, а за прв пат ќе настапи и Вилсон Вамбугу Камау од Кенија и имаме најава дека ќе го срушат повеќе од 20 години стариот рекорд на Борислав Девиќ. Во женска конкуренција фаворит е победничката на Маратонот во Гданск Рут Чемисто Матебо од Кенија која за прв пат ќе настапи на нашиот маратон, а има најава дека ќе настапи и учесничката на олимписките игри од Црна Гора Слаѓана Перуновиќ.
Подигањето на стартните пакети ќе биде на 07.09.2016 год. во периодот од 12 до 20 часот во спортска сала Билјанини Извори, а стартот ќе биде на 08.09.2016 год. од граничниот столб во Свети Наум во 9,00 часот. Рекордот на патеката во машка конкуренција е 1:39:13 часа така да се очекува од 10,30 часот да започне пристигнувањето на маратонците на целта на кејот кај Центарот на Култура „Григор Прличев“.“- додаваат од Здружението Охридски Атлетски Маратон 2012.