Иванов се сретна со Андон Дончевски, добитник на годинешната државна награда „8 Септември“

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Андон Дончевски, поранешен фудбалер и тренер, добитник на годинешната државна награда „8 Септември” за животно дело, за исклучителни придонеси во развојот на спортот, афирмацијата и промоцијата на Република Македонија на меѓународен план.

Претседателот Иванов на Дончевски му честиташе за добиената награда, како признание за неговиот севкупен ангажман во областа на спортот, истакнувајќи дека неговиот пример треба да го следат сите млади спортисти од земјата.

Македонскиот претседател изрази уверување дека наградата на Дончевски ќе претставува поттик за сите млади спортисти во Република Македонија за постигнување добри резултати и промоција и афирмација на земјата на спортски план. Дончевски изрази благодарност за континуираната поддршка од претседателот Иванов за развојот и унапредувањето на спортот во Република Македонија.

Претседателот Иванов во 2014 година го одликуваше Дончевски со „Медал за заслуги за Македонија” за неговиот придонест кон афирмација на Република Македонија во светот.

prm_doncev_02