Започнува новиот циклус Час за приказни на англиски јазик

Црвен крст Охрид го најавува почетокот на есенскиот циклус од едукативната програма ЧАС ЗА ДЕТСКИ ПРИКАЗНИ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК кој ќе стартува на 22.09.2016 година и ќе трае 15 недели.

ЧАС ЗА ДЕТСКИ ПРИКАЗНИ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК е програма која постои повеќе од 7 години во рамките на програмските активности на Црвен крст Охрид и е наменета за деца од 4 до 7 годишна возраст. Оваа интересна програма овозможува поттикнување и развој на креативноста, емоционалната сигурност, хуманоста и солидарноста кај децата уште од најмала возраст. Тимот волонтери кои ја водат програмата, на забавен и интерактивен начин ја поттикнува љубовта кон книгата и знаењето на англискиот јазик кај дечињата. Користејќи ја детската литература на англиски јазик од библиотеката во Црвен крст Охрид, дечињата учат како да се грижат за книгите, да ги чуваат, изнајмуваат и враќаат. Преку песничките и друштвените игри се овозможува децата да се дружат меѓу себе и да ги јакнат комуникациските вештини. Катчето за креативни работилници нуди одлична можност за поттикнување на креативноста, истражување и користење нови материјали и техники.

Покрај програмата за децата, оваа програма е надополнета со организирани дискусиони групи за родители, менторирани од страна на стручни лица од различни области, според потребите и желбите на родителите (педагози, психолози, педијатри, стоматолози, социјални работници…).

Се покануваат сите заинтересирани родители со своите деца да ја искористат можноста да дознаат повеќе за содржинскиот дел на програмата од страна на тимот тренери кои ќе го водат овој циклус, на Отворениот ден, кој ќе се одржи на 15.09.2016 (четврток) во периодот од 16-20 часот, во просториите на Црвен крст Охрид.