Претседателот Иванов се сретна со Рудолф Шустер, поранешен претседател на Словачката Република

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Рудолф Шустер, поранешен претседател на Словачката Република.

На средбата претседателот Иванов на поранешниот словачки претседател Шустер му упати честитки за доделениот почесен докторат на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола.

Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи, констатирајќи дека двете земји градат добри односи кои се базираат на меѓусебно разбирање и пријателство, континуиран политички дијалог, партнерска соработка во голем број области и длабоки културни врски.

Македонскиот претседател изрази очекување за продолжување на позитивната динамика во соработката и натамошно интензивирање на билатералниот политички дијалог на сите нивоа.

Во контекст на аспирациите на Република Македонија за членство во Европската унија и во НАТО, претседателот Иванов изрази очекување дека Словачка, како актуелен претседавач со Советот на ЕУ, ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори.

На средбата беше изразено задоволство од позитивниот развој на економските односи меѓу двете земји и континуираниот раст во трговската размена.

Во однос на соработката во областа на културата и реализираните бројни заеднички активности, двајцата соговорници изразија очекување за нејзино натамошно продлабочување.