Нови девет дела од македонски автори ќе се преведуваат во странство

Нови девет дела од македонски автори ќе бидат преведени од страна на девет странски издавачи од пет земји на чешки, бугарски, руски, српски и италијански јазик, чии апликации за превод се прифатени на Конкурсот за странски издавачи на Министерството за култура.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес-конференција во Музејот на македонската борба оцени дека преку оваа стимулативна мерка Министерството за култура успеа да обезбеди соодветен и достоинствен третман на нашите автори кај странските издавачки куќи, ефективна промоција на македонското творештво, но и на нашата држава во меѓународен контекст.

„Денеска можеме слободно да кажеме дека Република Македонија е во чекор со големиот број европски земји кои ја применуваат практиката за поддршка на преводи која во последните години е тренд и е стабилна и континуирана афирмација на културата на една земја. Во тој контекст, со особено задоволство ќе информирам дека во рамките на овој конкурс досега се поддржани преводи на 99 остварувања на 49 македонски автори кои се преведени на 21 светски јазик (германски, француски, руски, полски, српски, англиски…) со вкупна поддршка од 11 028 622 денари“ – рече Канческа-Милевска.

Таа посочи дека деветте нови пријави од странски издавачи од пет земји ги разгледала и ги поддржала стручната комисија во состав: Нове Цветаноски, Виолета Димова и Енвер Беќири, во согласност со критериумите содржани во Конкурсот.

Станува збор за издавачката куќа „Ветрне Млини“ од Брно, Чешка Република, која ќе го објави делото „Резервен живот“ од Лидија Димковска, чиј превод на српски, англиски и на италијански јазик е веќе поддржан во рамките на овој конкурс на Министерството.

Издавачките куќи „Скалино“, „Персеус“ и „Изида“ од Софија на бугарски јазик ќе ги објават делата: „Јазичен триптихон“ од Славе Ѓорго Димоски за која авторот ја доби наградата „Ацо Шопов“, романот „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли и книгата „Кадифена покривка“ од Оливера Николова која е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга за 2015 година.

Издавачката куќа „У Никитских Ворот“ од Москва ќе го издаде романот „Аквамарин“ од Тања Урошевиќ, Издавачките куќи „Граматик“, „Албатрос Плус“ и „Драслар“ од Белград, Република Србија, ќе ги преведат: Антологијата на младата македонска поезија „Лирски Додекамерон“ од Владимир Мартиновски, романот „Зад аголот“ од Томислав Османли и романот „Дали го сакате Дали“ од Христо Петрески, а првата книга раскази на Силвија Митевска „Додека Данте спие“, издавачката куќа „Беса Саленто Букс“ од Лече, Италија, ќе ја издаде на италијански јазик.

Претседателот на стручната комисија Нове Цветаноски истакна дека за 30-ина месеци преку овој конкурс на Министерството за култура се поддржани стотина дела од македонски автори за превод на други јазици, со што е направен голем извоз на квалитетни македонски производи, односно значаен излез на меѓународната сцена на квалитетни дела од македонските автори. Во најголем дел станува збор за романи, но има и други жанрови, како поезија и драма, а во однос на авторите, застапени се од различни генерации од македонската литература, но доминира помладата генерација.

„Овој прв бран на стотина прифатени пријави за превод ќе бидат добра реклама и добра иницијатива за нови преводи затоа што нивниот квалитет ќе повлече превод на нови македонски автори. Мислам дека сега многу широко се отворени вратите за македонската литература на меѓународната сцена и дека сè поинтензивен ќе биде интересот на странските издавачи за македонските дела и автори“ – рече Цветановски.

Според него, Македонија е на врвот на земји во Европа, заедно со скандинавските, според висината на одобрените грантови за превод, веднаш по ЕУ и мрежата за преводи „Традуки“, што е една од причините за зголемениот интерес на странските издавачи за македонските автори.

„Статистички, според износите што ги одобрило Министерството за култура досега, Лидија Димковска е најподдржан автор, следат Томислав Османли па Киро Донев. За Димковска и Османли се одобрени грантови за пет преводи, а за Киро Донев, кој е зад нив по износите, се одобрени седум преводи. Според бројот на прифатените пријави, водечки автор е Киро Донев со седум преводи, следуваат Димковска и Османли со по пет преводи, потоа Душко Родев со четири, потоа по три Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Христо Петрески, Трајче Кацаров“, … – рече Новески.

Од името на авторите се обрати Тања Урошевиќ, која нагласи дека ова е многу полезна иницијатива која ги отвора пошироко вратите на светот кон македонската литература. – Знаеме колку е тоа важно и на општ план, а колку е важно и за самите автори. Интимно кога се пишува се сака да се пробијат што повеќе бариери до можниот читател и колку е тоа пошироко овозможено толку е авторот среќен, позадоволен и се чувствува остварено – рече Урошевиќ.

Канческа-Милевска нагласи дека Министерството за култура ќе продолжи со оваа поддршка и со капиталните едиции на значајни македонски дела, но и со поддршката за проектите на приватните издавачки куќи, за кои од 2006 година до денес е обезбедена поддршка за издавање на над 5 000 значајни публикации, монографии и книги на македонски јазик и на јазиците на заедниците кои живеат во државава. Министерството за култура во изминатите осум години откупи и повеќе од 50 000 публикации во насока на збогатување на библиотечниот фонд на националните и локалните библиотеки, за што на годишно ниво во просек се издвојуваат по два милиона денари.