Министерот Оливер Спасовски присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност

Министерот Оливер Спасовски денеска присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност во Скопје. Во своето обраќање до студентите и професорите Министерот Спасовски рече дека изучувањето на безбедносните научни дисциплини, подразбира свест за прифаќањето на правилата на светскиот и домашниот општествен поредок, свест за почитувањето на своите, но и на туѓите националните вредности, свест за потребата од заштита на човековите права и слободи, свест за вредноста на правниот систем, свест за значењето на заштита на животната околина, и на крајот свест за значењето на мирот како врвна цивилизациска и историска придобивка.

„Патот кој го избирате, не е лесен. Пред Вас се години исполнети со многу труд, самооткажување и жртви. Ќе треба да осознаете многу нови содржини, да совладате многу нови вештини. Исто така, сакам да имате на ум, дека дипломите и теоретското знаење се само лист хартија, што вреди само ако тој лист е во рацете на свесна, изградена личност со високи етички морални капацитети, личност која ја краси чесност, правичност и љубов спрема луѓето. Без тоа, никогаш нема да бидете добар полицаец ниту добар припадник на безбедносните сили на оваа држава, без разлика колку сте образуван и без разлика колку високи оценки добивате на испитите. Затоа, сакам да се обратам и до вас почитувани професори, декан и ректор на овој факултет. Ваша е обврска да им помогнете на овие млади луѓе да се изградат во едуцирани професионалци кои утре ќе го даваат својот придонес во безбедносните структури на оваа држава, реформирајќи ги и унапредувајќи според барањата на највисоките европски стандарди. Меѓутоа неспорна е и Вашата одговорност за нивното изградување во личности кои ќе имаат квалитети достојни за идни припадници на безбедносните структури на оваа држава“- рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека секогаш ќе се бори државата да преземе одговорност овој пат да заврши со крајна цел, а тоа е приоритет за вработување на студентите од овој факултет во државните органи и институции каде нивната стручност и знаење ќе се ефектуираат во праксата.

„Безбедносните структури во нашата земја мора да прераснат во поле за професионален натпревар за Вас младите високо образовани и академски профилирани специјализирани кадри кои ќе преземат целосна одговорност за изградбата на реформирани, професионални институции, ослободени од партиски влијанија. Затоа ова обраќање до вас сакам да го завршам со ветување дека како министер за внатрешни работи, во мене ќе имате постојан сојузник Вие да ги заземате местата кои ви припаѓаат во безбедносните структури, работните места за кои се школувате и за кои се подготвувате. На сите мора да ни биде јасно дека Република Мекедонија има потреба од професионалци, кои ќе ја работат работата за која се подготвувале во образовниот процес, зошто само така можеме да го запреме процесот на иселување на млади и образовани кадри во странство и да ја вратиме вербата на народот во институциите на нашата држава“- рече министерот Спасовски.

dsc_7601