Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на меѓународна конференција посветена на „Променливата улога на финансиите во денешниот глобализиран свет“, по повод 55 години од основањето на постдипломскиот студиум по Монетарна економија, финансии и банкарство на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Ристовски посочи дека низ годините Еконмскиот факултет со својот иновативен наставен план континуирано креира образовна околина која поттикнува индивидуален и професионален развој кај студентите и истовремено креира кадри вклучени во водечките компании и институциите на системот во сферата на финансиите.
„Би го потенцирал податокот што, многумина професори и студенти од овој студиум имаат објавен свои трудови и статии во меѓународни научни списанија со висок импакт фактор. Само во последните 5 години објавени се 27 трудови и затоа овој постдипломски студиум е пример во областа на високото образование и науката кој треба да се следи“, истакна Ристовски.
Заменик министерот додаде дека Министерството за образование и наука ќе продолжи со имплементирање на мерки кои ја унпаредуваат науката, ја зголемуваат достапноста за квалитетно студирање и воспоставуваат рамнотежа меѓу високообразовните можности и потребите на пазарот на труд.
„Освен додипломски, доделуваме стипендии за вториот и третиот циклус на студии за сите студенти кои сакаат да го продолжат своето образование на некоја од дефицитарните струки. Обезбедени се стипендии и за студентите запишани на 100 најдобро рангирани универзитети во светот според рангирањето на Универзитетот Џио Тонг од Шангај, а од следната академска година ќе се реализира проектот „Инвестирај во својата иднина – стипендирање на постдипломски и докторски студии“ кој што е наменет за студентите кои оствариле особено висок просек, но не се во можност да го продолжат своето образование од финансиски причини“, истакна Ристовски.
На конференцијата учествуваа и проф. д-р Никола Јанкуловски – ректор на Унивeрзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Љубомир Дракулевски – декан на Економскиот факултет, проф. д-р Михаил Петковски – раководител на постдипломскиот студиум, Димитар Богов – гувернер на Нардоната банка на Република Македонија како и претставници од бизнис заедницата.