„Повелба на Република Македонија“ за Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија

Обраќање на претседателот Иванов на  свечената академија по повод 70 години од пензионерското организирање во Македонија и доделувањето на признанието „Повелба на Република Македонија“ на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија

„Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност и сувереност. Најголем удел во тој голем историски потфат имаа генерациите кои беа работоспособни и кои на своите рамена, со својот труд, искуство и знаење придонесуваа кон градењето на младата држава.

Голем дел од таа, клучна генерација веќе не се млади, ниту вработени. Денес сум тука со вас, во својство на покровител на прославата на седум децении пензионерско организирање во Република Македонија. Особено ми е драго што на денешнава академија ќе имам и можност на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија да им доделам Повелба на Република Македонија како благодарност за сите нивни активности на полето на пензионерското организирање.

Јубилеите се убава можност да се направи рекапитулација на сработеното. Благосостојбата на една држава може да се согледа од тоа како ги третира најмладите и најстарите граѓани. Државата треба да продолжи со своите програми и проекти да ви овозможи достоинствен живот. Овој јубилеј е можност да се еволуираат програмите и активностите и, секако, со нова енергија да се продолжи во унапредувањето на правата и должностите на пензионерите. Велам должности, бидејќи вие сте многу важен дел од општеството.

Пензионирањето од работа не значи пензионирање од општеството. Напротив, пензионерите со своите активности и помагање во рамките на домот и семејството, но и во пошироката заедница, преку учество во најразлични иницијативи со своето искуство и интелектуален капацитет се активни чинители на општествените текови. Сево ова на соодветен начин треба да биде максимално исползувано и верифицирано од нашето општество.

Навистина е импресивна листата на активности, инцијативи, програмски содржини, организирани, иницирани и реализирани од здруженијата на пензионери во сите делови на нашата земја. Исто така впечатливи се активностите на полето на културата и уметноста, особено во музиката. Неодминлив дел се и спортските пензионерски натпревари на локално, регионално и државно ниво.

Ја поздравувам и меѓународната соработка која ја остварува Сојузот на здруженијата на пензионери на Република Македонија. Секако, кога се зборува за она што е дејност на Сојузот не може да се изостави медиумската активност, пред сè издавањето на месечникот „Пензионер плус”, но и редовно ажурираната веб-страница на Сојузот, кои нудат неопходни и корисни информации.

Драги пензионери,

Верувам дека Повелбата на Република Македонија е и признание за сите пензионери за нивниот придонес за заедницата за време на работниот век, но и по заминувањето во пензија. Но, истовремено и очекување од вас. Да го пренесете вашето акумулирано знаење, искуство и мудрост, без кои ниту едно општество не може да функционира. Да ни помогнете да не ги повторуваме грешките што се правеле во минатото. Да им дадете пример на младите.

На крајот од моево обраќање би сакал од сè срце да ви посакам со радост и во добро здравје да уживате во вашите пензионерски денови, кои сте ги заслужиле макотрпно работејќи. Со мислата за благосостојба на сите наши граѓани и за силна и просперитетна Република Македонија, дозволете ми, на самиот крај, уште еднаш да ви го честитам големиот јубилеј и да ви посакам среќни и исполнети пензионерски денови.“– истакна Иванов.

povelba2