„Институциите на Република Македонија и Република Србија развиваат добрососедски односи, а наскоро очекуваме склучување билатерален Договор за заштита на културно историските споменици во двете држави”, истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој му се заблагодари на српскиот народ за помошта при неодамнешните поплави во Скопје и скопско.
На тет-а-тет средба, а потоа и во своите јавни обраќања, претседателите на Македонија и на Србија Иванов и Николиќ потврдија дека нивната заедничка стратешка цел се евроинтеграциите и меѓусебната поддршка.
„Ние настојуваме со сите наши соседи да градиме добрососедски односи. Оваа посета посветена на 100 годишнината од битката на Кајмакчалан, исто како и со претходните прослави кај Забрњак и за Свети Сава покажаа како Република Македонија сака да ги гради односите со своите соседи, и затоа очекуваме и Република Србија да излезе во пресрет на оние одбележувања на настани кои ние ги имаме, а се на територијата на Србија. Сметаме дека со склучувањето на билатералниот договор за заштита на културно историските споменици ќе биде овозможено и гарантирано правото на негување, чување и чествување на културните наследства, традиции и настани од историско значење на двете страни”, истакна претседателот Иванов.
Според претседателот Иванов, државите од Балканот мора да напредуваат без блокирање на целите, а тоа е членството во Европската Унија.
„Ние како претседатели не можеме да ја менуваме историјата, но можеме да ја менуваме сегашноста и иднината, а нашата заедничка иднина е остварување на нашите стратешки цели кои се идентични за двете земји и затоа успорувањето на процесот на евроинтеграциите на нашиот регион го сметаме на нешто што влијае врз онаа сила и енергија што ги трансформира нашите општества. Ние сме блокирани во тој процес, а Србија напредува. Нам ни е скратена таа енергија бидејќи сме блокирани и сеуште немаме добиено датум за да ги почнеме преговорите за евроинтеграциите, но сите ние што живееме на Балканот мора да ја гледаме големата слика и да помагаме цел Балкан да напредува бидејќи е од заеднички интерес”, нагласи македонскиот претседател.
На заедничката средба во Битола, првите луѓе на двете држави јавно се заблагодарија на помошта и брзите интервенции до настраданото население во Скопје, односно Обреновац кое беше погодено од поплави.
„Трагедијата во која ние помогнавме како вистински соседи беше одговор на вашето пријателство и помош кога вие први помогнавте во Обреновац. Живееме на Балканот, некои од Балканот се одделија како европјани, а нам ни го оставија просторот кој сега го нарекуваат Западен Балкан, а се простира до Босна и Херцеговина. Наше е да работиме за нашите држави се уредуваат согласно европските правила бидејќи тоа е добро за граѓаните”, рече претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ.
„Договорите за соработка за кои денес разговаравме сигурно ќе им ги дадеме на Владите на двете држави за да ги реализираат во целост”, рече српскиот претседател Николиќ кој најави и заедничко решавање одредени проблеми, каков што е проблемот со мигрантите.
„За жал кој е во ЕУ добива поголема поддршка, а кој не е има помала помош. Неприфатливо е Европа да ги затвора своите граници, а ние да останеме отворени, дури неприфатливо е Европа на половина Европа да ги штити своите граници, и таа тоа треба да го прави на својот почеток“, нагласи Николиќ.
За време на својата прва посета на Битола, претседателот на Србија Николиќ, придружуван од својот домаќин претседателот Иванов прошета по Широк Сокак, а оствари средби и со претставници на српската заедница, како и со почесниот српски конзул во овој град.