Во Охрид ќе се разменуваат регионални и ЕУ практики и дијалог за развој на национален модел

Од денес до 22ри септември (четврток) во хотел Климетица во Охрид ќе се одржи конференција „Модели на ефективни политики за младинска работа: размена на регионални и ЕУ практики и дијалог за развој на национален модел“.

Конференцијата се организира во рамките на проектот „Обединети младински работници“ од страна на Младинскиот културен центар – Битола и Креактив – Скопје, а во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Проектот е поддржан од Европската Унија во рамки на програмата IPA TAIB 2011 „Понатамошно јакнење и финансиска одржливост на граѓанското општество“.

Целта на конференцијата е споделување на најдобри практики поврзани со политиките за младинската работа во регионот на југоисточна Европа и ЕУ.

На конференцијата ќе учествуваат претставници од Министерството за образование на Република Македонија, Одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Центарот за образование на возрасни, Центарот за стручно образование и обука, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност како и од голем број младински организации и мрежи на младински организации од Македонија. На конференцијата ќе бидат презентирани и дискутирани практични модели и алатки и позитивни примери со цел да се согледа кој би бил најдобриот пристап при развивањето на легислативната рамка за младинска работа што ќе одговара на тековните предизвици во Република Македонија.