Четири лица повредени во сообраќајка на патот Охрид – Кичево

Четири лица се повредени во сообраќајната незгода што синоќа во 19 часот и пет минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на бензиската пумпа „Петрол“.

Со тешки телесни повреди-скршеници на лева надколеница се здобил А.Ј.(46) од Охрид додека со лесни повреди се здобиле Д.Ш. (44) од гостиварското село Горна Баница, Г.Т. (49) и Н.Т. (20) двајцата од охридското село Елшани. Повредените, од местото на незгодата, со возило на брза помош се пренесени бо болницата „Св.Еразмо“ каде се задржани на понатамошно лекување.

Во сообраќајната незгода учествувале патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки управувано од сега повредениот Д.Ш. кое по магистралниот пат се движело во правец од Охрид кон Кичево, патничко возило „Југо Корал“ со охридски регистарски таблици управувано од сега повредениот А.Ј. и патничко возило марка „Ауди“ со охридски регистарски ознаки управувано од сега повредениот Г.Т. во кое како сопатник била и сега повредената Н.Т. Патничките возила „Југо Корал“ и „Ауди“ по магистралниот пат се движеле во спротивната насока односно од Кичево кон Охрид.

До незгодата дошло во момент кога Д.Ш. возачот на патничкиот автомобил „Мерцедес“, на критичното место изгубил контрола и со возилото преминал на левата сообраќајна лента, со предниот дел удрил во левата предна страна од патникото возило „Југо Корал“ а потоа и во предната страна од автомобилот „Ауди“.

На местото на сообраќајната незгода, по овластување на Јавен обвинител извршен е увид од крим техника и полициски екипи од полициската станица за безбедност на патниот сообраќај од СВР Охрид.

За време на увидот имаше физичко регулирање на сообраќајот од полициски службеник со наизменично пропуштање на патничките и другите моторни возила.