Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на 71. Генерално Собрание на Обединетите Нации, во Њујорк оствари средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
На средбата беа констатирани одлични билатерални односи и соработка во повеќе области. Договорена е размена на посети на највисоко ниво во наредниот период, кои треба да придонесат за натамошно продлабочување на билатералната соработка, особено во сферата на економијата и на одбраната.
Двајцата претседатели разменија мислења за состојбите во регионот, особено во контекст на неговата европска и евроатланска перспектива. Македонскиот претседател порача дека крајно време е да се надмине статус-кво состојбата во однос на почетокот на пристапните преговори со Европската унија и во однос на членството во НАТО, како важен предуслов за трајна стабилност во регионот.
„Очекувам Полска како наш докажан пријател да продолжи да ги поддржува нашите заложби и напори за интегрирање во Европската унија и НАТО“, рече претседателот Иванов на средбата со полскиот претседател Дуда.
На средбата беа разменети мислења и за мигрантската и бегалска криза. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија е одлучна да даде свој придонес во нејзиното надминување, да делува усогласено со другите земји, не загрозувајќи ја притоа сопствената национална безбедност.