По повод Европската недела на мобилност која оваа година се одржува под мотото „Паметна и одржлива мобилност- влог за Европа“,Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при Општина Охрид, денеска ја реализира манифестацијата „Ден без автомобили“.
Активностите започнаа со собирање на учесниците пред зградата на Општина Охрид, каде се обрати градоначалникот Никола Бакрачески и настапи хорот при Основното училиште „Братство- Единство“. Градоначалникот Бакрачески рече дека треба да се гордееме што Општина Охрид е дел од мрежата на европски градови кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност и дека со ваквите и слични манифестации се зголемува свеста за заштита на човековата околина.
„Дојдовме со велосипеди или пеш, за да покажеме дека многу работи во секојдневието можат да функционираат и без автомобил и да ги промовираме бенефитите од таа практика. Тоа од една страна е заштита на нашето природно окружување но и промоција на здравиот стил на живеење, спортувањето и пешачењето. Заеднички се радуваме што ваквите манифестации се повеќе ги подржуваат младите. Денеска младите се најбројни, а таква е сликата и секој ден по улиците или велосипедските патеки долж охридското крајбрежје.Тоа не храбри но и не обврзува, децата од најмала возраст да стекнат квалитетни навики на живеење и да научат безбедно да се движат пеш или да возат велосипеди.
Свесни за важноста на зачувувањето на животната средина и развојот на туризмот, ние како одговорна локална самоуправа имаме долгорочен и одржлив концепт. При крај е изградбата на рекреативната патека од Студенчишта до хотелот Парк, се работи на патеката кај Студенчишкиот канал, а привршуваат потребните постапки за реконструкција на Кејот Македонија и пешачката патека од градското пристаниште до месноста Лабино.Нив ќе можат да ги користат нашите сограѓани и бројните домашни и странски туристи“– рече во обраќањето градоначалникот Никола Бакрачески.
Велосипедското дефиле на чело со градоначалникот Никола Бакрачески трна по улиците кои во соработка со СВР- Охрид и Советот за безбедност во сообраќајот, два часа беа затворени за сообраќај на моторни возила. Дефилето се одвиваше по улиците „ Димитар Влахов“ од пред општинската зграда до пресекот со бул. „Македонски просветители“, „Македонски просветители“ до пресекот со Кеј „Македонија“,Кеј „Македонија“до пресекот со ул.„АСНОМ“,ул.„АСНОМ“ до пресекот со бул.„Туристичка “, бул. „Туристичка“ до пресекот со бул.„Македонски просветители“, бул.„Македонски просветители“ до пресекот со ул. „Партизанска“ , ул.„Партизанска“ до пресекот со ул. „Ванчо Николески“ и ул. „Ванчо Николески “ до пресекот со ул. „Димитар Влахов“.