Обука за напреден спортски менаџмент

Во организација на Македонскиот олимписки комитет, Општина Охрид и Националните спортски федерации, денеска се одржа обука за напреден спортски менаџмент. На обуката на која присуствуваа спортски работници од Охрид, беа опфатени областите за менаџмент и управување со човечки ресурси, управување со финансии, спортски маркетинг, вештини во менаџментот и носење одлуки, селекција на спортисти, конфликт на интереси и решавање на конфликти во спортот.

„Ја користам оваа прилика да ве потсетам дека Охрид како град одсекогаш го нудел она што им е потребно на спортистите: убава атмосфера, чист воздух, здрава околина, прекрасни домаќини, но и расположива спортска инфраструктура. На располагање на многу домашни и странски екипи е спортскиот центар „ Билјанини извори во кој покрај спортската сала, отворениот базен, фудбалскиот стадион има помошни фудбалски терени со природна и вештачка трева, надворешни кошаркарски и одбојкарски игралишта и тениски терени.Има неколку училишни спортски сали како и бројни , планински пешачки и велосипедски патеки и мали улични терни за мали спортови. Моментално во напредна фаза е изградбата и на затворениот пливачки олимписки базен кој на некој начин ќе ја заокружи понудата за потребите на градот, учениците и спортистите и на многу спортски екипи од странство. Ракометната и кошаркарската екипа од Охрид оваа година постигнаа одлични резултати кои се дополнителен поттик за натамошен развој на спортот“– рече во поздравното обраќање заменик градоначалникот Ангел Јанев.

На почетокот на обуката се обрати и претседателот на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски, кој рече дека оваа форма на едукација на спортските работници е проверена практика за успешно функционирање на спортските екипи и остварување на високи спортски резултати.

„Навистина, изненаден сум од одзивот и интересот за семинарот во Охрид. Ние сакаме во секој град од Македонија да одржиме предавања на овие теми кои се од важно значење за спортот и да ги поттикниме сите чинители во спортот, упорно и просперитетно да работат за неговото добро. Охрид како домаќин го одбравме затоа што градот е во голем спортски подем. Екипите бележат врвни резултати, а Охрид инфраструктурно напредува како никогаш до сега.“ – потенцираше првиот човек на МОК, Васил Тупурковски.

Покрај обуката за напреден спортски менаџмент, се одржа и работна средба на експери од оваа област од Македонскиот и Албанскиот олимписки комитет, на која присуствуваа претседателите Васил Тупурковски и Вирон Безхани.